Мицкоски од Благоевград: Зошто правото на Македонците во Бугарија не е признаено

лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Во присуство на засилено полициско обезбедување денеска во Благоевград се отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“. На неговото отворање присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата, Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и на Левица, Димитар Апасиев.

Мицкоски изјави дека присуствува на отворањето „за да им дадеме поддршка на нашинците во Бугарија и да испратиме јасна порака дека ние сме Македонци кои што зборуваат македонски јазик и доаѓаат од Македонија“.

„Во 21 век веќе никој не треба да има дилема, ниту воопшто да разговара. Треба да се почитува правото на самоопределување. Нашето право на самоопределување како Македонци е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти. Затоа сме денеска тука да ги поддржиме нашите Македонци во Бугарија“, рече Мицкоски.

На прашањето зошто не се почитуваат правата на бугарските Македонци тој рече дека со македонскиот Устав правото на сите малцинства е загарантирано и македонскиот Устав е согласно сите меѓународни правила и норми.

„Прашањето е зошто правото на Македонците во Бугарија не е признаено“, рече Мицкоски.

Одговарајќи на прашања од бугарските медиуми, Мицкоски праша зошто пред влезот на Бугарија во Европската унија немало Македонци со бугарски пасоши и дека, како што рече, некои од нив го направиле тоа поради определени економски причини.

Наспроти македонскиот клуб, во организација на ВМРО – Бугарско национално движење отворена е изложба со бугарското знаме и слика од цар Борис Трети и дел од македонските револуционери меѓу кои Гоце Делчев и Јане Сандански проследена со гласна музика. ВМРО-Бугарско национално движење најави и протест.