Во Благоевград се отвора македонскиот клуб „Никола Вапцаров“

Македонско знаме

Во бугарскиот град Благоевград денеска се отвора македонскиот културен центар со името „Никола Вапцаров“. Во име на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува генералниот секретар Миле Бошњаковски. На отворањето на клубот присуство најавија и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, а ќе замине и делегација од Демократскиот сојуз. Премиерот Димитар Ковачевски најави дека нема да присуствува.

ВМРО – Бугарско национално движење најави протест. Советот на Општина Благоевград неодамна излезе со декларација со која се изразува противење на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во овој град.

Потенцирајќи дека „Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет“, општинските советници на Благоевград оценуваат дека формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации“.

Веднаш потоа уследи реакција од македонското МНР, кое ги осуди „непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, што се однесуваат на македонскиот народ“.

Како што може да се прочита во поканата за отворањето, клубот е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонско меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло.