Гир: Фон дер Лајен направи лапсус кога рече „северномакедонскиот народ“

Евроамбасадорот Дејвид Гир

При посетата на земјава, претседателката на Европската комисија Урсула Фон Ден Лајен, во нејзиното обраќање направи лапсус и рече „северномакедонскиот народ“, а тоа беше единственото нешто на кое вие се задржавте од таа посета, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, одговарајќи на новинарски прашања на почетокот на изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8 во Куманово.

„Ова е трета посета на претседателката во една година, што е исклучително, со што мислам дека таа демонстираше огромна лична посветеност и посветеност на Комисијата за европскиот пат на земјава“, посочи Гир.

Тој додаде дека Фон дер Лајен покажала огромна поддршка за Северна Македонија и оти не ја посетила земјава со „празни раце“, со тоа што бил потпишан Договорот со Фронтекс и паричната помош за справување со енергетската криза.

Фон дер Лајен најави итна буџетска помош од 80 милиони евра кои во јануари ќе бидат достапни за македонската влада за справувањето со енергетската криза. Во Владата за време на нејзината посета беше потпишан и Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс на македонски јазик.