Американскиот претседател Џо Бајден го нарече „одвратен“ нападот врз сопругот на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Пол Пелоси вчера беше нападнат за време на упад во домот на брачниот пар во Сан Франциско. Пелоси (82 години) се здоби со фрактура на черепот и повреди на десната рака, но се очекува целосно да закрепне.
Обраќајќи се на предизборниот митинг во Филаделфија, Бајден рече дека за политичкото насилство „нема место“ во Соединетите држави.
„Секој човек со чиста совест треба јасно и недвосмислено да се спротивстави на насилството во нашата политика, без оглед на тоа каква е вашата политика“, рече Бајден.
Бајден се повика и на медиумските извештаи кои јавија дека напаѓачот извикувал „Каде е Ненси“. Полицијата соопшти дека осомничениот употребил чекан за време на нападот. Тој е уапсен поради обид за убиство, напад и други обвиненија, соопштија властите на прес-конференција.
„Ова не беше случаен чин. Ова беше намерно. И не е во ред“, рече началникот на полицијата во Сан Франциско, Вилијам Скот на прес-конференција,кој одби да коментира дополнително за можниот мотив за нападот.
Нападот доаѓа на помалку од две недели пред среднорочните избори на 8 ноември, на кои се доведува во прашање контролата на Претставничкиот Дом и Сенатот. Пелоси се врати во Вашингтон оваа недела од безбедносна конференција во Европа и треба да зборува на настан на 29 октомври со потпретседателката на САД, Камала Харис.
Претходно оваа година, Пол Пелоси, мултимилионер кој поседува фирма за недвижнини и ризичен капитал со седиште во Сан Франциско, се изјасни за виновен за сообраќаен прекршок поврзан со сообраќајната несреќа во мај во Калифорнија. Тој е осуден на пет дена затвор и три години условно.