Обединетите нации повикаа на обновување на договорот за продолжување на извозот на жито од Црното Море соопштувајќи дека тој е потребен за глобалната безбедност на храната.
Првичниот договор требаше да трае 120 дена, со опција за обновување на 19 ноември доколку ниту една страна не се спротивстави, рече портпаролот на ОН Стефан Дујарик.
„Ги повикуваме сите страни да вложат максимални напори за обновување на Црноморската иницијатива за жито и максимално да ги имплементираат двата договори, вклучително и брзо отстранување на сите преостанати пречки за рускиот извоз на жито и вештачки ѓубрива“, рече тој во изјавата.
Договорот го ослободи извозот од три украински пристаништа, односно Одеса, Чорноморск и Јужне кои беа блокирани откако Русија ја започна инвазијата на Украина кон крајот на февруари.
Договорот овозможи скоро девет милиони тони жито да ги напуштат пристаништата и ја олесни глобалната криза со храна предизвикана од инвазијата.
„Ја нагласуваме итноста да се стори тоа за да се придонесе за безбедноста на храната ширум светот и да се ублажат страдањата што оваа глобална криза за трошоците на животот им ги нанесува на милијарди луѓе“, додаде Дујарик.
Москва се жали дека не може да ги продаде своите ѓубрива поради западните санкции. Сепак, постојат многу докази за спротивното, а Европа и САД не ги таргетираа со санкции ниту руското жито, ниту ѓубривата.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја минатата недела изјави дека мора да се дозволи рускиот извоз пред Москва да се обврзе на продолжување на договорот.
„Веќе долго време велев пречките остануваат исти“, рече тој.
Говорејќи на 27 октомври, американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека одлуката на Москва да се откаже од договорот за жито ќе биде дочекана со „голем гнев“ од земјите ширум светот.
„Мислам дека е длабоко во интерес на сите да се осигураме дека ова жито може да продолжи да се пренесува од Украина и секако, ќе сториме се што можеме за да го одржиме договорот“, рече тој.
Мартин Грифитс, потсекретар на ОН за хуманитарни прашања, на 26 октомври рече дека е релативно оптимист дека договорот за жито ќе биде продолжен.