Ковачевски и Донев на стартот на изградбата на железницата на Коридор 8

Илустрација

Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галaб Донев, во придружба на министри од двете влади, претставници од Делегацијата на ЕУ и Европската банка за обнова и развој, денеска ќе присуствуваат на oтпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово - Бељаковце - Крива Паланка.

На настанот ќе се презентира проектот за источниот дел од делницата. Свои обраќања освен Ковачевски и Донев, ќе имаат и првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Железници „Инфраструктура“, Хари Локвенец, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија Дејвид Гир и Анди Аранитаси од Европската банка за обнова и развој.

Со изградбата на оваа железница, како што се наведува во владиното соопштение, Република Северна Македонија станува крстосница на Балканот и регионално се поврзува со европските железнички коридори.

„Овој капитален проект е од исклучително значење особено за поврзување со нашите први соседи Бугарија и Албанија, што е од регионален интерес за граѓаните и за економскиот раст и развој“, соопштија од Владата.

Повторната изградба опфаќа работа на првите две од трите проектирани делници на источното крило на железничкиот Коридор 8, во вкупна должина од 88,2 километри (од Куманово до Бељаковце – 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка – 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија – 24 километри).