Судии и рокери
БУГАРИЈА - Преодната влада на Бугарија треба да ги забрза разговорите со институциите на Европската унија за да се осигура дека земјата нема да го пропушти целниот датум, јануари 2024 година за приклучување кон еврозоната, се согласи парламентот во резолуцијата усвоена доцна во четвртокот.
САД - Рокенрол пионерот Џери Ли Луис, познат по хитовите „Great Balls of Fire“ и „Whole Lotta Shakin' Goin' On“, почина денска на 87 години. Ѕвездата од 50-тите години на минатиот век, заслужен за песните кои ја дефинираа раната ера на рокенролот, почина од природна смрт во неговиот дом во Мисисипи со сопругата покрај него, соопшти неговиот публицист. Во последните години тој беше болен откако доживеа мозочен удар во 2019 година.
УКРАИНА - Иран да престане да испраќа оружје во Русија побарал украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во телефонски разговор на 28 октомври со неговиот ирански колега, Хосеин Амир-Абдолахиан.
ИРАН - Демонстрантите повторно се судрија со безбедносните сили на 28 октомври во Захедан, град во југоисточниот дел на Иран. Во Иран неколку недели се одржуваат протести по смртта на 22-годишна жена, приведена од полицијата за морал.
КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти го претстави планот за регистарските таблички кои ги издаваат српските органи за градовите во Косово. Според планот, сопствениците на вакви автомобили од 1 ноември ќе бидат предупредувани и оваа мерка ќе трае три недели, односно до 21 ноември. Потоа, до 21 јануари ќе се изрекуваат казни, а по тој период ќе се издаваат пробни таблички.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин на 28 октомври потврди дека ќе биде домаќин на преговорите во Сочи меѓу лидерите на Ерменија и Азербејџан, кои се во конфликт, соопшти Кремљ, пренесува Асошиејтед Прес.
МАКЕДОНИЈА - Се покажа како лажна и денешната дојава за поставена бомба во едно училиште во Скопје, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). Случајот бил пријавен во полиција околу 14 часот, откако на меjл адреса на училиштето е упатена закана за поставена експлозивна направа, велат од МВР за МИА.
СРБИЈА - Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен изјави дека Србија ќе добие 160 милиони евра директна помош за справување со енергетската криза. Фон дер Лејен на 28 октомври во Ниш, јужна Србија, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ ги посетија работите на изградбата на гасниот интерконектор Србија-Бугарија.
САД - Сопругот на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, е хоспитализиран откако бил нападнат за време на упадот во домот на двојката во Сан Франциско, рано на 28 октомври. Во моментот на упадот во нивниот дом, Ненси Пелоси не била дома, соопшти нејзиниот портпарол, Дру Хамил.
МАКЕДОНИЈА - Фатмир Скендер и Татјана Васиќ -Бозаџиева се избрани за нови членови на Уставниот суд, како кандидати предложени од СДСМ. На гласањето во Собранието не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
МАКЕДОНИЈА - Собранието денеска со 63 гласа „за“ го избра Ристо Пенов за министер за локална самоуправа на 88. седница. Пенов доаѓа на министерската функција откако неговиот сопартиец и претходник Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини. Расправата за изборот на Пенов траеше три дена, а во тек на денешната дебата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека заслугите на Пенов не се „толку големи“.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел во близина на нејзиниот источен брег во петокот, соопшти војската на Јужна Кореја, додека јужнокорејските сили ги завршуваа речиси двенеделни вежби со цел да го одвратат нивниот северен сосед. Лансирањето на проектилите, во време на зголемени стравувања дека Северна Кореја го подготвува својот прв нуклеарен тест од 2017 година, беа најновите во годината во која Северна Кореја тестираше рекорден број ракети, без разлика дали се ракети со краток дострел, интерконтинентални балистички ракети или други.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи во одговор на новинарско прашање денеска изјави дека треба да се биде коректен и да нема реакција на изјавата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која нè нарече „северномакедонци“. Притоа тој рече дека таа била коректна за време на целата прес-конференција што ја одржа во Скопје во однос на јазикот и другите идентитетски атрибути.