Соединетите Американски Држави ѝ воведоа финансиски санкции на иранската фондација која нуди повеќе милиони долари за убиството на писателот Салман Ружди.
Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД на 28 октомври ги објави санкциите против Фондацијата 15 Хордад со седиште во Иран.
САД ја обвинија фондацијата дека нуди награда од повеќе милиони долари за убиството на Ружди, истакнат британско-американски автор роден во Индија, кој беше тешко повреден во напад на 12 август во западниот дел на државата Њујорк.
„Од наредбата на ајатолахот Рухолах Хомеини за изречена смртна казна за Ружди во февруари 1989 година, Фондацијата 15 Хордад понуди милиони долари на секој што сака да го изврши овој грозоморен чин“, се вели во соопштението на американското Министерство за финансии.
Седумдесет и петгодишниот Ружди го загуби видот на едното око и не може да ја движи едната рака по нападот, кој се случи непосредно пред да се обрати на конференција за заштитата на писателите во егзил и слободата на изразување.
Обвинителите велат дека мажот уапсен за нападот, Хади Матар од Њу Џерси, го избодел Ружди во вратот, стомакот, градите, раката и десното око.
Матер, кој е во притвор по нападот, се изјасни за невин по обвиненијата за обид за убиство и напад од втор степен.