Косовскиот премиер Албин Курти го претстави планот за регистарските таблички кои ги издаваат српските органи за градовите во Косово.
Според планот, сопствениците на вакви автомобили од 1 ноември ќе бидат предупредувани и оваа мерка ќе трае три недели, односно до 21 ноември.
Потоа, до 21 јануари ќе се изрекуваат казни, а по тој период ќе се издаваат пробни таблички.
Од 21 април, како што рече Курти, нема да се дозволи движење на возила со таблички различни од РКС (Република Косово).
На прес-конференцијата, по седницата на Владата, Курти рече дека ваквата одлука е донесена по внатрешни дискусии и консултации со безбедносните институции.
„Не ја менуваме нашата одлука, спроведувањето започнува на 1 ноември“, рече Курти и уште еднаш ги повика припадниците на српската заедница да ги пререгистрираат своите возила.
Тој напомена дека до 31 март следната година ќе важат финансиските олеснувања кои сега се на сила.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на истата конференција рече дека ваквата одлука е донесена со цел да се избегне ескалација на ситуацијата.
„Ние сме заинтересирани секој да ги предаде нелегалните регистарски таблички и да ги искористи придобивките на нашата влада“, рече Свечља и додаде дека мисијата на косовската влада е да го почитува законот и да обезбеди безбедност на целата територија на Косово за сите граѓани.
Рокот на косовската Влада за пререгистрација на возилата со српски таблички, кои се нелегални за Косово, истекува на 31 октомври.
Главно се работи за таблички КМ (Косовска Митровица), кои се нелегални за Косово, но досега се толерирани во општините со српско мнозинство на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Од околу 10.000 автомобили со вакви таблички, околу 20 се пререгистрирани во РКС.
Меѓународната заедница побара од косовските власти да го одложат процесот на пререгистрација за уште десет месеци за да се избегнат тензии, но премиерот Курти рече дека Косово веќе еднаш го продолжил тој рок.
На 31 јули, откако Србите подигнаа барикади на северот, косовските власти го одложија процесот на пререгистрација за еден месец, па наместо на 1 август, процесот почна на 1 септември.
Белград бара договор за ова прашање, односно враќање на статусно неутралните таблички КС, што Приштина засега го одбива.