Путин ќе биде домаќин на преговорите меѓу Азербејџан и Ерменија

Рускиот претседател Владимир Путин со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан на 26 ноември 2021 година.

Рускиот претседател Владимир Путин на 28 октомври потврди дека ќе биде домаќин на преговорите во Сочи меѓу лидерите на Ерменија и Азербејџан, кои се во конфликт, соопшти Кремљ, пренесува Асошиејтед Прес.

„На иницијатива на руската страна, на 31 октомври во Сочи ќе се одржат трилатерални преговори меѓу претседателот на Русија, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и премиерот на Ерменија Никол Пашинјан“, се вели во соопштението на Кремљ.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни за регионот Нагорно-Карабах во последните три децении.

Крвавите судири во септември на ерменско-азербејџанската граница ги зголемија стравувањата дека може да има нова војна меѓу двете страни.

Москва вели дека е планирано тројцата лидери да разговараат за спроведувањето на договорите постигнати минатата година во посредство на Русија, како и за „натамошните чекори насочени кон зајакнување на стабилноста и безбедноста“ на Кавказот.

Како што соопшти Кремљ, планирани се одвоени разговори меѓу Путин и лидерите на Азербејџан и Ерменија.

Во шестнеделната војна меѓу Ерменија и Азербејџан во октомври 2020 година, повеќе од 6.500 војници загинаа од двете страни.

Конфликтот заврши со потпишување на договор со посредство на Москва.
Пашинјан и Алиев последен пат се сретнаа во септември во Брисел по судирот истиот месец, на преговори со посредство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.