Сопругот на Пелоси во болница откако го нападнале во нивниот дом

Претседателката на Претставничкиот Дом на САД, Ненси Пелоси и нејзиниот сопруг Пол Пелоси на 42-тото доделување на наградите Кенеди во Вашингтон, САД, 8 декември 2019 година.

Сопругот на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, е хоспитализиран откако бил нападнат за време на упадот во домот на двојката во Сан Франциско, рано на 28 октомври.

Во моментот на упадот во нивниот дом, Ненси Пелоси не била дома, соопшти нејзиниот портпарол, Дру Хамил.

Се уште се истражува мотивот за нападот.

Портпаролот Дру Хамил, исто така, рече дека напаѓачот е во притвор, а Пол Пелоси, кој има 82 години, се очекува целосно да се опорави.

Нападот доаѓа на помалку од две недели пред среднорочните избори на 8 ноември, на кои се доведува во прашање контролата на Претставничкиот Дом и Сенатот.

Пелоси се врати во Вашингтон оваа недела од безбедносна конференција во Европа и треба да зборува на настан на 29 октомври со потпретседателката на САД, Камала Харис.

Претходно оваа година, Пол Пелоси, мултимилионер кој поседува фирма за недвижнини и ризичен капитал со седиште во Сан Франциско, се изјасни за виновен за сообраќаен прекршок поврзан со сообраќајната несреќа во мај во Калифорнија. Тој е осуден на пет дена затвор и три години условно.