Фатмир Скендер и Татјана Васиќ -Бозаџиева се избрани за нови членови на Уставниот суд, како кандидати предложени од СДСМ.
На гласањето во Собранието не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, во процедурално обраќање на почетокот на расправата за уставни судии рече дека пратениците од нивната партија нема да присуствуваат на, како што рече, овој срамен чин за државата.
„Жалам што успеавте и Уставниот суд да го направите партиска институција и изборот да го сведете на начин на кој што ќе го направите сега“, рече Мицевски.
На собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да помине и последниот предложен кандидат за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен од страна на владејачките партии.
Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.