Додека колегите на 27-годишниот Кристијан Лазаров ги прелистувале книгите за да спремаат испит, тој, како лице со оштетен вид барал книги што може да се прочитаат компјутерски односно преку софтвер да се преведат во аудио верзија, а за останатите се снаоѓал некако.
„Не е лесно да се биде студент со оштетен вид, посебно на мојата катедра по Македонски јазик, каде имаме Историја на македонскиот јазик и работа на текстови што се постари, напишани со фонтови што не се читливи за денешните компјутери и читачки софтвери. Меѓутоа, се снаоѓав, ми помагаа колегите, ми помагаа професорите и мислам дека беше убаво искуство“, изјави Лазаров за РСЕ.
Периодов ја спрема дипломската и ги охрабрува сите со попреченост да запишат факултет. Воедно е и нивниот глас бидејќи со својот активизам се залага за нивните права. И не се доживува како различен иако му е јасно дека оштеството брзо и лесно лепи такви етикети. Но вели дека општеството и се буди во последниве десетина години откако е актуелна инклузијата како тема. Очекува како што минува времето да се менува перцепцијата.
„Во иднина би сакал да бидам виден, слушнат од јавноста како професионалец во тоа што во тоа што го работам или некој што има лични успеси без разлика дали има попреченост или не“, истакна Лазаров.
Низ годините немал проблем да создава пријателства, ниту да се вклучи во општеството. Но, колку општеството го гледа него?
„Мислам дека како индивидуалец не толку, затоа се трудам да се вклучувам во организации и тела што имаат повисока моќ од индивидуалната и засега тоа е добро. Само тој пат е малку потежок и ќе треба време да се изоди, не е нешто што се прави од денес за утре“, додава студентот.
Видете и ова: Приказни на луѓе со посебни потреби и „обични“желбиГо влечат музиката и спортот, но најмногу пристапноста како тема, па работи во здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, како координатор на проекти. Една од нивните цели е вестите и информациите да бидат дигитално пристапни за лицата со попреченост.
„Има голема потреба општо во светот, не само кај нас, медиумите да станат пристапни. Има таму многу работа и мислам дека треба некој да почне да го прави тоа и кај нас. Во моментов немаме сертифициран специјалист за пристапност во државава. Јас сум во процес на сертификација и веројатно за помалку од еден месец би имал сертификат и би го работел тоа чисто затоа што има потреба во општеството“, вели активистот.
Од она што му е непристапно, за него најболна тема е движењето низ Скопје - непристапноста на транспортот и раскрсниците, па од неодмна почнал со иницијативи за тоа да се смени. Постојано бара начини да им го олесни животот на луѓето со попреченост.
„Законот за авторско право е нешто на кое дејствував и тој е во процедура. Ако се изгласа ќе биде одлично. Ќе се направат многу пристапни материјали за учење и рекреација. Тој закон предвидува сè што е пишано да биде пристапно за луѓето со оштетен вид и дислексија. Сè што можам да направам правам, се вклучувам со цел да се направи попристапен и поприфатлив животот на луѓето со попреченост“, додаде Лазаров.
Помош и од македонските студенти
Начини за технолошки да им се помогне на лицата со попреченост бараат и студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) кои преку студиите имаат соработка со здружението „Отворете ги прозорците“ од кое Кристијан е дел.
„Во рамките на таа соработка, постојано ни гостуваат и ни држат предавања за асистивна технологија со цел да ги заинтересираме повеќе нашите студенти за оваа област“, изјави за РСЕ, Бранислав Геразов, вонреден професор на ФЕИТ.
Професорот вели дека кај македонските студенти гледа голема желба за работа на проектите за асистивна технологија.
„Многу од студентите се решија да направат не само проекти, туку и дипломски трудови на тема асистивни технологии. Посебно задоволство за нив е кога на крај може уредот, прототипот, да се тестира од лице со попреченост и да видат како навистина тоа што го работеле прави некоја промена во светот. Го работат тоа со жар и ентузијазам, дури сработуваат и многу повеќе од тоа што ние го очекуваме од нив, односно што е пропишано со предметната програма“, додаде професорот.
Тој вели дека некои од студентите до толку се внесуваат што и по дипломирањето работат на системот кој го правеле за дипломска работа, а и дека самиот факултет може многу да придонесе во оваа област, бидејќи прави хардверски системи, односно реални уреди, но и софтвер. Па новите технологии ги следат и ги вклопуваат во напредни уреди кои како што вели Геразов, во голема мера можат да го олеснат живеењето на лицата со попреченост.
Геразов и Лазаров беа дел од говорниците на панел дискусијата „Медиумската писменост и студентите“ која се одржа на Филолошкиот факултет, „Блаже Конески“ во Скопје. Со настанот на 27-ми октомври, се одбележаа Деновите на медиумска писменост 2022 (25 октомври -1 ноември) посветени на различностите и медиумската писменост.