Сојуз на средношколци: МВР брзо да ги расчисти случаите со пријавите за поставени бомби

илустрација

Сојузот на средношколци откако втор ден по ред имаше пријави за наводно поставени бомби во средни училишта во Скопје бара од МВР максимално да се посвети на потрагата и брзо разрешување на ситуацијата, за повторно да може да има непречена и безбедна настава. „Овие закани мора да бидат сфатени сериозно имајќи ја предвид безбедносната состојба во земјата и светот“, наведува во допис до медиумите Сојузот на средношколци во кој се поздравува брзата реакција на надлежните и безбедносните служби во однос на евакуациите и смета дека покажаната подготвеност и професионалност во ваквите ситуации влеваат одредена доза на сигурност кај учениците.

МВР: Пријавите за бомби во девет училишта се лажни

„Што се однесува до самите ученици, би ги повикале на сплотен и смирен пристап кон проблемот. Секој од нас може да придонесе за достигнување на чувството на безбедност во училишните клупи. Ги советуваме учениците одговорно да ги следат насоките од училишните служби, внимателно да ги следат информациите на темата, да се информираат од кредибилни извори, критички да ги консумираат вестите и да ги проверуваат повеќе пати податоците кои ги добиваат. Медиумска писменост е клучна во задржувањето на контрола врз ситуацијата, соопшти Сојузот на средношколци и додава дека е отворен за соработка и поддршка во расчистувањето на случаите.