Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја опиша употребата на ирански беспилотни летала од страна на руските сили како „алармантна“ и додаде дека САД и нивните сојузници сакаат да спречат испорака на такво оружје. Употребата на тие беспилотни летала за „убивање на украинските цивили и уништување на инфраструктурата од која зависат“ е „застрашувачка“, изјави американскиот државен секретар за време на посетата на Отава. САД, Канада и нивните сојузници работат заедно за да го осудат, одвратат и спречат Иран да го снабдува тоа оружје, додаде тој.
Киев и неговите западни сојузници постојано ја обвинуваат Москва дека користи беспилотни летала од Иран во нападите против Украина во последните недели. Украина потврди дека околу 400 ирански беспилотни летала веќе биле употребени против украинското цивилно население и оти Москва нарачала околу 2.000. Техеран ги отфрли обвинувањата. „Да ни беше јасно дека Русија користи ирански беспилотни летала против Украина, сигурно немаше да бидеме рамнодушни кон тоа прашање“, изјави оваа недела шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амир Абдолахиан.
Белата куќа: ирански војници на Крим и помагаат на Русија во нападите врз Украина
САД, Обединетото Кралство и ЕУ веќе воведоа санкции кон Иран поради проблемот со беспилотните летала. Израелскиот претседател Исак Херцог во вторникот се согласи да сподели информации со САД кои покажуваат, според израелското разузнавање, дека иранските беспилотни летала се користат во војната во Украина.