Во Иран нови напади на демонстрантки по смртта на уште една девојка

илустрација, протест во Иран за правата на жените

Најновите медиумски извештаи јавуваат дека иранските власти, наводно, реагирале насилно на демонстрантите кои се собрале да ја одбележат смртта на Ника Шакарама, уште еден симбол на протестното движење во таа земја.

Извор близок до нејзиното семејство изјави за Би-Би-Си дека безбедносните сили отвориле оган врз демонстрантите кои се собрале на гробиштата каде што е погребана 16-годишната девојка во нејзиниот роден град Корамабад.

Претходниот ден во Иран се одржаа големи собири, а демонстрантите носеа транспаренти со нејзиното име.

Ника Шакарами исчезна на 20 септември по протестот во Техеран на кој беше снимена како си ја пали шамијата. Тогаш и кажала на пријателката дека полицијата ја брка. Нејзиното семејство рече дека го пронашле нејзиното тело во мртовечница десет дена откако исчезнала.

Нејзината мајка ги обвини безбедносните сили за убиство на нејзината ќерка, но официјални лица велат дека Шакарами се самоубила скокајќи од зграда и негираат дека полицијата ја уапсила.

Претходно, Си-Ен-Ен објави истрага за која рече дека обезбедува докази дека Ника Шакарама навистина била уапсена од безбедносните сили.

Истрагата вклучува досега необјавени снимки на кои млада девојка води толпа луѓе фрлајќи камења, а потоа се крие од полицијата меѓу автомобилите. Си-Ен-Ен соопшти дека ја идентификувала како Ника Шакарами.

Очевидец, кој го дал видеото, изјави дека ја виделе тинејџерката како ја земале „неколку безбедносни службеници“.

Во Иран, на 26 октомври, беа пријавени и судири меѓу иранските безбедносни сили и демонстрантите во родниот град на Махса Амини, откако луѓето се собраа во близина на нејзиниот гроб за да одбележат 40 дена од смртта на Иранката која почина во притвор.

Курдска група за човекови права соопшти дека безбедносниот персонал испукал куршуми и солзавец на плоштадот Зиндан во Секез, родниот град на Амина.

Моралната полиција ја одвела 22-годишна Курдка во „центар за превоспитување“ на часови за скромност, бидејќи наводно не носела хиџаб според строгите ирански прописи.

Протестите за смртта на Махса Амини станаа еден од најголемите предизвици за иранските власти од револуцијата во 1979 година.