Советот на министри на Босна и Херцеговина денеска даде согласност за потпишување три договори за слободен проток на луѓе, за што е постигнат договор во рамките на Берлинскиот процес.
Членовите на Советот на министри на БиХ од Сојузот на независни социјалдемократи на Милорад Додик досега го блокираа усвојувањето на овие договори, инсистирајќи прашањето да се реши во рамки на иницијативата Отворен Балкан, чии членки се само Србија, Северна Македонија и Албанија.
Станува збор за Договорот за слобода на движење со лични карти на Западен Балкан, Договор за признавање стручните квалификации на доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија и Договорот за признавање на квалификација на високо образование на Западен Балкан.
Конечната одлука за потпишување на трите договори е на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Членовите на Претседателството на БиХ треба да дадат согласност и за учеството на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, на самитот на Берлинскиот процес на 3 ноември во Берлин.
Таканаречениот Берлински процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницираше во 2014 година кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.
Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот.