Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина утврди дека Милорад Додик, лидерот на Алијансата на независни социјалдемократи, освоил најмногу гласови за претседател на Република Српска.
На денешната седница, Централната изборна комисија на БиХ со шест гласа „за“ и еден „против“ го усвои извештајот за резултатите од повторното пребројување на гласовите за претседателот на РС.
Пребројувањето на гласовите за претседател и потпретседатели на РС беше наредено на 10 октомври, откако до ЦИК беа пријавени бројни нерегуларности забележани за време на изборниот ден.
Новото пребројување на гласовите во главниот пребројувачки центар - спортската сала „Зетра“ во Сараево започна на 13 октомври.
Опозицијата во РС одржа два протестни марша во Бања Лука и поднесе кривични пријави против неколку лица, меѓу кои и Милорад Додик, претседателот на Сојузот на независните социјалдемократи, за „изборна кражба“.
Во вторник, на 25 октомври, во Бања Лука се одржа митинг наречен „Татковината вика“, кој го повикаа лидерите на владејачките партии во РС, предводени од СНСД на Додик, бидејќи се незадоволни од повеќекратното пребројување на гласовите.
- И Додик и Тривиќ прогласија победа во претседателската трка во Република Српска
- Опозицијата во Република Српска на протест поради „изборна кражба“
На овој митинг тие најавија дека нема да дозволат „задушување на изборната волја на граѓаните на РС“, како и дека ќе се формира „Републичка изборна комисија“, иако за сите избори надлежна е државната комисија.
На изборите кои се одржаа на 2 октомври и двајцата кандидати во трката за функцијата претседател на автономната Република Српска во Босна и Херцеговина ја објавија својата победа. И лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и актуелен српски член на трипартитното претседателство Милорад Додик и опозициската кандидатката на Партијата за демократски напредок (ПДП), Јелена Тривиќ, се прогласија за победници на изборите.
Босна се состои од два автономни региона: Република Српска со доминација на Срби и Федерацијата што ја делат Бошњаците или босанските муслимани и Хрватите, поврзани со слаба централна власт. Федерацијата е дополнително поделена на 10 кантони. На север се наоѓа и неутралниот округ Брчко.