Младата социјална работничка, Моника Чекаловиќ, која работи во Јавната установа за воспитување, згрижување и образование на деца во социјален ризик и нарушено поведение и Женскиот центар за семејно насилство во Тетово, пред две ипол години повика на хуманитарна акција на социјалните мрежи, откако видела дека некогаш не може да се помогне на стандардниот начин.
Постот на Фејсбук кој го почна со: „Ова најверојатно ќе биде уште еден пост кој ќе го прескокнете...“, стотици не го прескокнаа и со лајкови, споделувања и коментари помогнаа да се прошири сторијата за измачената мајката и нејзината ќерка со умерена ментална попреченост, од село Кучевиште, Општина Чучер Сандево.
Наместо во старата куќа без под и со кров кој се распаѓа, во која никогаш немало фрижидер, ниту телевизор, без одвод и одвод и без тоалет, од неодамна мајката и ќерката живеат во нов, опремен дом, изграден волонтерски и со помош на оние кои донирале градежен материјал или покуќнина, и тие кои без 1 денар надомест работеле на дождови и минусни температури и како што вели, никој не побарал никаква реклама.
„Ги знаеме постапките за социјални станови и начинот на згрижување во нашата држава. Комплицирано е и нема простор за луѓе кои веќе имаат имот на нивно име, но во катастрофална состојба. Требаше или да направам нешто или да се помирам со тоа дека тие се можностите, условите и тоа е тоа. На мое големо изненадување во рок од 24 часа почнаа да се пријавуваат луѓе кои можат да помогнат на различни начини“, вели Моника.
На оние кои не верувале дека нејзината иницијатива ќе успее вели дека денес би им порачала да се јават на „главна каса“, а касата на нејзиното здружение „ЛИНК“ сакала да остане празна за време на акцијата, за сè да биде чисто.
„Можеби токму транспарентноста помогна, не можам да кажам брзо, но реално брзо да се изгради куќата. Ги упатував луѓето каде би можеле да уплатат во фирмите и потоа ние да ги подигнеме материјалите или самата фирма да изврши достава. И така никој немаше допир со финансиите, освен оној кој реално требаше да си го наплати материјалот и тоа е тоа“, додаде хуманитарката.
Видете и ова: Незапирливата Леа и нејзината борба за подобар светИстакна дека не сака да ја етикетираат или врзуваат со никој и затоа избрала борбата да ја води сама, со помош на луѓе кои навистина сакаат да помогнат. Ако нешто може да се заврши брзо и лесно не е потребно медиумско експонирање на приказната, но ако мора да биде како што вели погласно кажано за надлежните да се вклучат и да си ги завршат своите обврски, тогаш медиумите се најдобар начин.
„Сметав дека е најдобро да туркам вака - јас да бидам иницијаторот, но луѓето кои се вклучуват да бидат сигурни и да знаат дека сите нивни напори или вложувања имаат некаков фидбек. Кога реално не дозволив преку сопствено здружение да влегуваат и излегуваат финансии за да нема некаков сомнеж, тогаш дефинитивно не би одела ни преку други здруженија“, вели Моника.
Успешни приказни со ефект на повторување
Моника особено се радува кога деца или млади од семејства на кои помогнала, потоа бараат начин да се вклучат и да помогнат на друг.
“Девојка од еднородителско семејство, требаше да се запише на факулет, а немаа апсолутно никакви финансии и имаа големи долгови. Преку апел на социјални мрежи ја поврзав со една жена од Германија. Таа ѝ го уплати школувањето за цела година и освен тоа ги покри и трошоците за книги, облека и слично. Истата таа девојка после тоа покрена друга иницијатива за еднородителско семејство со болен татко, за да се соберат дрва и храна. Одеше од куќа до куќа во селото и собра некаде околу 1500 евра“, се сеќава Чекаловиќ.
Има и злоупотреби на донации
Треба да се биде внимателен при донации во хуманитарни цели, бидејќи има здруженија и луѓе кои во очите јавноста се хуманитарци, но всушност сакаат да профитираат на туѓата мака и ја злоупотребуваат хуманоста на граѓаните, порачува социјалната работничка.
„Искрено забележувам и веќе е тоа препознатливо, не би сакала да потенцирам, но сметам дека треба да се направи некој закон за функционирање на хуманитарни здруженија затоа што дефинитивно има многу големи пропусти бидејќи немаме определена регулатива. Би го оставила тоа на надлежните да го размислуваат. Вака се остава многу голем простор за манипулации и сè е останато само на претпоставка“, изјави Чекаловиќ за РСЕ.
Во отсуство на конкретна законска регулатива за функционирање на хуманитарните здруженија, кога таа ќе забележи нешто сомнително, вели дека го пријавува случајот на надлежните.
„Мене ми е малку сомнителен оној момент за некои работи за кои да речеме реалната сума е 5000 евра, преку овие нови апликации, „GoFundMe“ и слични, да се собираат поголеми суми, а нема начин да се изврши некој увид. Основно начело е транспарентноста и луѓето секогаш треба да знаат каде и што донираат“, додава социјалната работничка.
Моника вели дека редовно добива пораки за помош за финансии во инбокс, но сака да нагласи дека не поддржува луѓе кои избират таков начин на живот - да не се работно ангажирани, а се работно способни и можат да заработуваат за сопствена егзистенција и тука може да помогне со мотивација или некаква доквалификација. Бидејќи како што вели, во тој случај нема споредба и не е фер да се донира на некој кој може да си озбезбеди финасии, а да се стават на страна луѓето кои дефинитивно немаат начин како да егзистираат.
Потенцира и дека се води по лична проценка и по веродостојни информации потврдени од институциите, а и оваа зима ќе се води од впечатокот дека особено во овие тешки времиња, празниците не се среќни за секој. Па преку нејзиното здружение и оваа година ќе организира иницијатива за делење на новогодишни пакетчиња за деца во семејства во социјален ризик.