Пендаровски ја советува Владата да не брза со уставните измени

Македонскиот претседател Стево Пендаровски вели дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг.

Според него до тогаш има доволно време за да детектира и поправи нешто во однос на потребните реформи, а кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали се има потребното двотретинско мнозинство.

„По мене суштински е во тој процес да не се оди со главата нанапред без да се мисли каде евентуално може да удриме. Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор,“изјави денеска Пендаровски во интервју за ТВ Сител.

Тој ја советува Владата и да не брза во тој процес.

„Имаме 14 месеци скрининг. Не мислам дека тоа треба да биде апсолутен политички приоритет број еден. Ние имаме толку многу реформи со скрининг да ги детектираме и поправиме и кога ќе дојде време на крај тој процес тогаш ќе прашаме во Парламентот имаме ли сега двотретинско мнозинство, вели претседателот Пендаровски.

Според него смешни се тврдењата на опозицијата дека ќе се изборат за нова преговарачка рамка, или за поништување на Преспанскиот договор.
„Тоа е приказна за мали деца“ додава тој.

Пендаровски вели дека потврдата дека ниту француската рамка, ниту бугарските барања, не влијаат на оспорување на македонскиот идентитет е потпишаниот договор со Фронтекс на македонски јазик.