Лекарите од Клиниката за анестезија, реанимација и интезивно лекување беа дел од сведоците на денешното судско рочиште за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје.
Лекарката Маја Мојсова Миовска во судницата изјави дека дури и да ја знаеле повредата на ‘рбетниот мозок, курсот на лекување ќе останел ист.
Таа смета дека причина за смртта генерално е престанок на работа на срцето или на дишењето.
„За жал ние сме анестезиолози и немаме алатка која што може да ни даде увид во тоа која е главната причина за смртта, ние во тој момент немавме податок, изјави таа.
Адвокатот на обвинетиот Андреј Костовски, Еленко Миланов, во изјава за медиуми по рочиштето истакна дека снимањето морало да ја покаже повредата.
„Компјутерската томографија морало да ја покаже повредата. Тие лекуваа, но до последен момент не знаеја од што лекуваат, и зошто лекуваат и која е причината зошто го изгубија тој пациент“, изјави адвокатот.
Обвинителката Тања Трајчевска претходно на денешното рочиште изведе материјални докази – рендген снимки од оштетениот Денис Тот изготвени од Судска медицина.
На изминатото рочиште беа изведени видео материјали од безбедносните камери на дискотеката и Сејф сити системот, на кои се гледаат случувањата пред дискотеката на кобната ноќ на 7 април годинава во периодот од 3:25 до 3:45 минути.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ . Обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го убиле Тот. Следното рочиште е закажано за 31 октомври.