Во Турција уапсени 10 прокурдски новинари

Демонстрации во Истанбул против законот за медиуми за кој турската влада вели дека ќе се бори против „дезинформациите“.

Во шест турски провинции денеска беа уапсени десет прокурдски новинари, една недела по стапувањето во сила на новиот закон за медиуми, објави Синдикатот на турските новинари. „Десет наши колеги беа уапсени за време на акциите во Анкара, Истанбул, Ван, Дијарбакир, Урфа и Мардин“, објави синдикатот ТГС на Твитер, без да ги прецизира причините за апсењата. Уапсените новинари работат за прокурдските новински агенции „Mezopotamya“ и „Jinnews“.

Во Турција усвоен закон со кој се воведува затвор за дезинформации

Новиот турски закон за дезинформации значи дека оние што ќе бидат прогласени за виновни за намерно објавување дезинформации или „лажни вести“, за кои властите велат дека шири паника, ги загрозува безбедносните сили или целокупното здравје на турското општество, може да добијат затвор до три години.