Вршителот на должност министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков ја прими новоименуваната амбасадорка на Република Северна Македонија во Софија Агнеза Руси Поповска, објави бугарското МНР на својата веб-страница. Според Милков, постигнатиот компромис со т.н. Француски предлог, спроведувањето на Договорот од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија го поставија механизмот за решавање на постојните прашања. Двајцата разговарале за можностите за развој на продлабочена и ефективна билатерална соработка во одделните области. Милков изразил загриженост за последните случувања во билатералните односи, поконкретно поврзани со правата на Бугарите во Република Северна Македонија, се наведува во информацијата.
Софија: јавните изјави што ја навредуваат или провоцираат другата страна се неприфатливи
Милков и Руси-Поповска се изјасниле за повеќе напори во насока на надминување на влијанието на негативните настани и враќање на позитивната динамика во билатералните односи меѓу Софија и Скопје. Тој ја уверил Руси-Поповска дека во лицето на Министерството за надворешни работи на Бугарија, амбасадорката на Северна Македонија ќе има конструктивен партнер, подготвен за директна и отворена комуникација за сите прашања од билатералната агенда, се наведува во соопштението.