Украина и нејзините сојузници остро ги отфрлија руските тврдења дека Киев развива „валкана бомба“ што ќе ја користи против силите на Москва.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека поканил експерти да ги посетат украинските капацитети за сами да се уверат дека Украина нема што да крие.
Руските тврдења дека Киев планира да користи таканаречена валкана бомба се појавија за време на разговорите меѓу рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и неговите колеги од неколку НАТО земји.
- Шојгу разговараше со неговите колеги од САД и други НАТО земји во услови на стравувања од ескалација
Валкана бомба е мешавина од експлозив, како што е динамит, со радиоактивен прав или пелети. Кога динамитот или други експлозиви се активираат, експлозијата испушта радиоактивен материјал во околината.
Велика Британија, Франција и Соединетите држави издадоа заедничка изјава на 23 октомври во која го отфрлија ова тврдење.
„Нашите земји јасно ставија до знаење дека сите ги отфрламе очигледно лажните обвинувања на Русија дека Украина се подготвува да употреби валкана бомба на своја територија“, се вели во соопштението.
Но, Русија ги засили своите претензии по воените порази во јужна и источна Украина.
„Според информациите што ги имаме, две организации во Украина имаат посебни инструкции да создадат таканаречена валкана бомба. Оваа работа е во завршна фаза“, изјави на 24 октомври генерал-полковник Игор Кирилов.
Денеска, началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов имаше телефонски разговор со началникот на британската одбрана Тони Радакин, кој ги отфрли руските наводи дека Украина планира активности за ескалација на конфликтот.
„Воените лидери се согласија за важноста од одржување на отворени канали за комуникација меѓу Обединетото Кралство и Русија за да се справат со ризикот од погрешно проценување и да се олесни деескалацијата“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Украина претходно го нарече обвинението апсурдно, а министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека шефот на нуклеарното набљудување на ОН го прифатил неговото барање да испрати експерти во Украина за да ги побијат тврдењата на Москва.
Кулеба рече дека ја повикал Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) „итно да испрати експерти во мирољубивите објекти во Украина за кои Русија лажно тврди дека развиваат валкана бомба“.
Кулеба рече дека Украина отсекогаш била транспарентна и дека „нема што да се крие“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера во телефонски разговор му најави на Кулеба дека светот „ќе го види секој обид на Русија да го искористи ова обвинување како изговор за ескалација [на војната]“.
На 24 февруари Русија започна инвазија на Украина. Илјадници цивили беа убиени, повеќе градови уништени, а милиони Украинци принудени да ја напуштат земјата. САД, ЕУ и многу други земји оттогаш воведоа санкции кон Русија.