Украина „сè поуспешна“ во соборување на дроновите од иранско производство, соопшти британското разузнавање

Мотор на беспилотно летало Шахед-136 од иранско производство

Украинските напори за соборување на беспилотните летала Шахед-136 се „сè поуспешни“ додека Русија продолжува да ги користи дроновите од иранско производство против цели низ Украина, соопшти британското Министерство за одбрана на 24 октомври.

Во своите редовни објави, Министерството соопшти дека беспилотните летала се бавни, бучни и летаат на ниски височини, што ги прави леснi за таргетирање на конвенционалната противвоздушна одбрана.

Билтенот цитира украински официјални извори, вклучително и претседателот Володимир Зеленски, кој тврди дека „до 85 отсто од нападите се пресретнати“.

Украина вели дека Русија ја погодила нејзината инфраструктура со беспилотни летала Шахед-136 кои се движат кон нивната цел и експлодираат при удар. И Иран и Русија ги негираа обвинувањата.

Техеран на 22 октомври го критикуваше повикот на Франција, Германија и Велика Британија до Обединетите нации да ги истражат тврдењата дека Русија користела беспилотни летала од Иран за да ја нападне Украина.

Меѓутоа, британското разузнавање соопшти дека Русија најверојатно троши голем број беспилотни летала Шахед-136 со цел да навлезе во поефикасната украинска противвоздушна одбрана.

Билтенот сугерираше дека Русија веројатно ги користи како замена за прецизно оружје со долг дострел произведено од Русија, кое станува сè поретко.