ЛДП поднесе иницијатива за донесување Одлука на Владата за употреба на локалните топоними за населените места во Украина на украински јазик, со нивна транслитерација на македонски јазик.
Така, преку оваа иницијатива се бара наместо Киев да се употребува Киив за главниот град на Украина, наместо Запорожје - Запорижија, за Луганск за се користи Луханск, за реката Дњепар- Днипро, и други примери.
Исто така, со иницијативата се бара Република Белорусија да се именува Република Беларус, а за Летонија да се употребува Латвија.
„Воедно, предлагаме Владата да донесе одлука конечно да престане да се употребува неприфатливото именување на Република Беларус на македонски јазик како „Република Белорусија“ за што белaрускиот народ, како што самите се нарекуваат (а не белорускиот!) и државата веќе се имаат изјаснето со соодветни јазични, законски и уставни измени. Препорачуваме, во македонскиот јазик исто така да се употребува и уставното име „Република Латвија“ наместо досегашното име преземено од руското наименување „Република Летонија“, се вели во соопштението на партијата.
Иницијативата на ЛДП која е поднесена под водство на Емил Кирјас и потпретседателката Моника Зајкова вклучува предлог до Министерството за надворешни работи да и предложи на Владата соодветна одлука во оваа насока, со која ќе им се наложи на сите институции во државата да ги користат украинските топоними во македонскиот јазик. Целта е сите одлуки да се донесат пред преземањето на претседателството на ОБСЕ од страна на Р.С. Македонија на 01 јануари 2023 година.
„По посетата на Украина на крајот на август оваа година, во екот на руската агресија, ни беше предочено дека реализацијата на руската експанзионистичка и империјалистичка политика во доктрината на непризнавањето на украинскиот јазичен и етнички идентитет се манифестира и преку употребата на руските топоними за украинските населени и географски места, наместо на соодветните украински топоними. Таа практика може да се забележи во официјалната употреба за топонимите за населените места во Украина и на македонски јазик“, велат од партијата.
Владата на Северна Македонија веќе ја осуди руската агресија врз Украина, а Собранието речиси едногласно донесе Декларација со осуда на руската инвазија и поддршка на Украина.