Водител на руската државна телевизија доби суспензија откако повика да се удават украински деца

Водителот Антон Красовски

Водителот на рускиот државно контролиран медиум РТ ( Раша Тудеј) е суспендиран по изјавите е дека требало да бидат удавени украинските деца кои ги гледале Русите како окупатори во времето на Советскиот Сојуз.

Главниот уредник на радиодифузерот, Маргарита Симонјан, преку Твитер вчера објави дека го суспендирала водителот Антон Красовски, поради неговите „одвратни“ коментари, додавајќи дека никој во РТ не ги споделил неговите ставови.

Во неговата емисија емитувана минатата недела, Красовски рече дека децата кои ја критикувале Русија требало да бидат „фрлени право во река со силна струја“. Коментарот предизвика широко распространет бес, при што Украина ја нарече РТ поттикнувач на геноцид.

Красовски, провоен коментатор кој е санкциониран од Европската унија, одговараше на профил на рускиот автор на научна фантастика Сергеј Лукјаненко за тоа како, кога првпат ја посетил Украина во 80-тите, децата му рекле дека ќе живеат подобар живот ако Москва не ја окупира нивната земја.

„Требаше да бидат удавени во Тисина (реката)“, рече Красовски како одговор. „Само удави ги тие деца, удави ги“. Алтернативно, рече тој, „може да бидат турнати во колиби и запалени“.

Во краток дел од интервјуто што беше споделено на социјалните мрежи, Красовски исто така се смее на извештаите дека руски војници силувале постари Украинки за време на инвазијата.

Коментарот на Красовски предизвика лути реакции во Украина и Западот, потхранувајќи ги наводите дека Русија има намера да ги искорени Украинците во целина.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека коментарите покажуваат дека РT треба да биде забранета низ целиот свет.

„Агресивно поттикнување геноцид (ќе го изведеме ова лице на суд за тоа), кое нема никаква врска со слободата на говорот. Забранете ја РT ширум светот“, рече тој во твитот како одговор на видеото на кое се прикажани коментарите на Красовски.

Рано денеска Красовски се извини за коментарите, велејќи дека е „засрамен“ од нив.

Красовски стана познат кога во 2013 година објави во живо на руската телевизија дека е хомосексуалец во знак на протест против законодавството поддржано од Кремљ, кое наметнува остри казни и затворски казни за дистрибуција на хомосексуална „пропаганда“ на малолетници.

Оваа објава привремено ја прекина неговата кариера како руски телевизиски новинар, бидејќи му беше забранет влез во државните медиуми. Тој се врати како водител на руската државна телевизија од 2020 година.