Следниот самит на Европската унија посветен на Западен Балкан ќе се одржи на 6 декември во Тирана, соопшти синоќа на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел нагласувајќи дека ова е потврда за европскиот ангажман во овој регион.
„Следниот самит на ЕУ за Западен Балкан ќе го одржиме во Тирана на 6 декември, со цел да го потврдиме нашиот зголемен ангажман во тој регион. Западен Балкан е врвен приоритет за Европската Унија. ЕУ и Западен Балкан си требаат еден на друг“, напиша Мишел.
Македонија условено ги почна преговорите за членство во ЕУ на 19 јули, кога во Брисел ја одржа Првата политичка меѓувладина конференција и отпочна скрининг процесот. Сепак, за да се пристапи кон отворањето на поглавјата, Македонија ќе мора да го смени Уставот, за во него да бидат внесени Бугарите, услов со кој беше тргнато двегодишното бугарско вето кон Македонија за почеток на преговорите.
Инаку, пред самитот најавен на 6 декември, во октомври во Прага се одржа самит на Европска политичка заедница, на иницијатива на Мишел и францускиот претседател Емануел Макрон. Овој нов формат ги седна на иста маса лидерите на сите европски држави, освен Русија и Белорусија.
Целта беше да се обезбеди платформа за дијалог за прашања од заеднички интерес за целиот континент, од безбедноста и енергетиката до климатските промени и поврзаноста. Во неколку наврати, европските претставници повторија дека Европската политичка заедница не може да се сфати како замена за процесот на проширување.