Ковачевски - Србија ја иззема Северна Македонија од забраната за извоз на гас

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Србија донесе одлука да ја изземе Северна Македонија од забраната за извоз на природен гас, изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Тој на Фејсбук соопшти дека по интензивна комуникација со српската премиерка Ана Брнабиќ официјален Белград решил да ја донесе ваквата одлука и да ја изземе Северна Македонија од забраната за извоз на природен гас.

„Преку политиките на добрососедство, тесната соработка во рамки на Отворен Балкан, но и партнерскиот однос, во време на енергетска криза обезбедуваме поддршка онаму каде највеќе треба, компресиран гас за училиштата и болниците во многу градови низ земјата“, напиша Ковачевски.

И градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов денеска изјави дека со изземањето на државата од забраната за гас ќе значи можност за Струмица да обезбеди компресиран гас по поволни услови.

„Конкретно за Струмица ова значи можност за обезбедување компресиран гас по поволни услови од снабдувачите од Србија, за разлика од други кои овој енергенс го нудат по многу повисоки цени. Иако цената од 99 денари за кубен метар не е ефтина во споредба со порано, сепак е најприфатлива за нас. Со овој енергенс се затоплуваат круцијални објекти во градот како што се градинките, училиштата, болниците, јавните установи и секако, дел од домаќинствата и компаниите“, изјави Костадинов упатувајќи благодарност до Владата на Република Србија.

Струмица е меѓу првите гасифицирани општини во државата уште од 2012 година со таканаречен виртуелен гасовод со носење компресиран гас во станицата од каде се дистрибуира до потрошувачите.

Македонската Влада периодов разговараше со неколку земји за да обезбеди енергенси, меѓу нив се Србија, Бугарија, Грција и Турција.