Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека официјална Приштина и натаму инсистира меѓусебното признавање да биде дел од конечниот договор со Белград и дека ниту САД ниту Европската унија не побарале ова барање да се повлече.
Османи ова го изјави на прес-конференција во Приштина на 23 октомври, на новинарско прашање да ги коментира изјавите на американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, дека Косово треба да го поддржи договорот со Србија, иако тој не вклучува меѓусебно признавање.
Во јавноста кружат информации дека Франција и Германија на лидерите во Приштина и Белград им дале предлог како да се реши долгогодишниот спор меѓу двете земји. Овој предлог не е објавен во јавноста и не се знае што точно содржи.
Сепак, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека француско-германскиот предлог предвидува членство на Косово во меѓународните институции, но не и директно признавање од Србија.
На 22 октомври во Приштина, специјалниот пратеник за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, на новинарите им потврди дека на средбата со премиерот на Косово Аљбин Курти разговарал и за француско-германскиот предлог.