Сенаторка на САД: Двајцата Руси кои бараат азил во Алјаска се домородни Сибирци

Лиза Мурковски

Двајца Руси побараа азил во Соединетите Држави, откако на почетокот на месецов со брод стигнаа на оддалечен остров на Алјаска за да избегнат регрутирање за да се борат во Украина. Американски сенатор од Алјаска изјави дека луѓето се домородни Сибирци.

„Тие се плашеа за своите животи поради Русија, која ги таргетира малцинските популации за регрутирање на служба во Украина“, рече Лиза Мурковски.

Двајцата Руси на 4 октомври слетале на плажа во близина на Гамбел, оддалечена населба на островот Сент Лоренс, на околу 58 километри од полуостровот Чукотка во Сибир.

Инцидентот ги поттикна пратениците од државата да побараат дополнителна поддршка од федералната влада во случај повеќе Руси да побегнат во Алјаска поради воениот повик на претседателот Владимир Путин.

Илјадници Руси ја напуштија земјата откако Путин во септември објави мобилизација за да повика околу 300.000 мажи за да ги зајакне руските сили во Украина кои се исцрпуваат.