Украинските власти рекоа дека „гнасните“ руски ракетни напади врз цивилни енергетски локации предизвикале прекини на електричната енергија на национално ниво, оставајќи повеќе од милион домаќинства без електрична енергија, додека руските власти им наредија на жителите „веднаш“ да го напуштат Херсон пред очекуваните напори на силите на Киев да го вратат клучниот јужен град.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 22 октомври на Телеграм соопшти дека Русија извршила „масовен напад“ врз Украина во текот на ноќта и дека „агресорот продолжува да ја тероризира“ земјата.
Во текот на ноќта, непријателот изврши масовен напад: 36 ракети, од кои повеќето беа соборени...Тоа се гнасни удари врз критични објекти. Типична тактика на терористите“, напиша тој.
„Светот може и мора да го запре овој терор“, рече Зеленски.
Кирило Тимошенко, заменик-шеф на канцеларијата на Зеленски, рече дека украинските сили за воздушна одбрана собориле 18 од проектилите.
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека голем број проектили биле соборени на приодот кон главниот град.
„Неколку ракети кои летаа кон Киев беа соборени во регионот од силите за воздушна одбрана. Благодарение на нашите бранители“ изјави Кличко.
Засега нема информации за смртни случаи поврзани со ракетните напади, но официјални лица рекоа дека неколку луѓе се повредени.
Не беше можно да се проверат извештаите на ниту една страна.
Во меѓувреме, властите назначени од Русија во окупираниот и незаконски заземен јужен регион Херсон на 22 октомври им наредија на околу 60.000 жители на истоимениот главен град во регионот да го напуштат „веднаш“ поради напредната контраофанзива на Киев.