Пораки за помирување и сплотеност на Денот на револуционерната борба

Споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје

Претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери денеска упатија честитки за државниот празник 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба.

Македонската Влада за празникот организира положување свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје, исто како и собраниска делегација која ќе положи венец свежо цвеќе на споменикот.

Пендаровски во честитката потсетува на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893-та година ја формирале Македонската револуционерна организација.

Тој вели дека сегашната генерација минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност, а дека Европа и светот се соочуваат со економска и енергетска криза иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени поради војната во Украина, вели Пендаровски.

„За успешно да се справуваме со овие предизвици треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме Република Северна Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции. Како земја во која ќе владее правото а неправдата е санкционирана, во која младите генерации ќе можат достоинствено да живеат со еднакви можности за напредок“, стои во честитката од претседателот Пендаровски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери наведува дека споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот.

„Нека бидат поука дека заемното почитување, разбирање, единственоста и заедништвото во напорите за градење на современа, демократска и напредна држава единствено може да не вброи во земјите со успешна приказна. Направивме исклучително тешки чекори, нови и непознати стојат пред нас, меѓутоа, ако сме искрено и заедно на тој пат, ништо нема да не поколеба“, се вели во честитката од Џафери.