Алијанса за Албанците: Дефиницијата на албанскиот јазик во Уставот е навредлива  

Арбен Таравари, новиот в.д претседател на Алијанса за Албанците.

Алијанса за Албанците реагираше на денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со барањето на албанските партии, доколку се отвора Уставот за внесување на Бугарите во Преамбулата, да биде и променета формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 проценти од населението“.

Од Алијанса за Албанците наведуваат дека ова барање не е поврзано со дневната политика, туку според нив тоа е навредлива дефиниција на албанскиот јазик која мора итно да се отстрани.

Мицкоски денеска зборуваше во врска со прашањето за отворањето на Уставот и рече се подготвени да разговараат за се доколку Брисел даде јасна гаранција дека внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е последно барање за интеграцијата во ЕУ. тој рече дека е подготвен да разговата и за барањерто на албанските партии, но дека притоа треба да разговараат и за нормата Бадентер и за нормата Балансер.

„За да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка“, рече Мицкоски.

Од Алаијанса за Албанците во реакцијата велат дека промената на формулацијата ќе ја зголеми внатрешната социјална и меѓуетничка кохезија и според нив ќе ја направи Северна Македонија уште подобра, уште посилна и земја која ги прифаќа европските вредности на јазична и културна различност.

„За нас е подеднакво навредливо кога јазикот на нашите сограѓани се нарекува северномакедонски или славомакедонски, а понекогаш и поинаку. Затоа, проблемот од 20 проценти г. Мицкоски и другите мора еднаш засекогаш да го сфатат како што треба, тргнувајќи од самите себе, а никако да не ја збунуваат јавноста создавајќи амалгами со Балансер, којшто во суштина е алатка за планирање на вработувања во јавниот сектор за остварување на уставната обврска за соодветна застапеност на заедниците“, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.

Мицкоски во врска со ова прашање рече дека е подготвен да седне да разговара, но посочи дека „тоа е оној нов договор за Македонија“ и дека притоа треба да разговараат и за нормата Бадентер и за нормата Балансер.

Од Алијанса за Албанците велат дека Бадентер или таканареченото двојно гласање е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што бил воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии како што се војните во поранешна Југославија.

Овој механизам го носи името на неговиот творец Роберт Бадентер, поранешен министер за правда и поранешен претседател на уставниот суд на Франција, или светилникот на просветителството и европската демократија“, велат од АА.

„Секое прекршување на овој механизам на консоцијална демократија би било ретроградно и би донело последици кои никој од нас не би ги посакал. Ако ова двојно гласање е „проблематично“ за некого, треба да се земе предвид дека многу земји слични на нашата го имаат регулирано ова прашање со дводомен парламент, кој треба да се стави на маса доколку во иднина се отвори ваква расправа“, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.

Партијата наведува дека го отфрла секое условување кое ги разнишува темелите на државата, изградена врз принципите на консоцијалната демократија.

„Ваквите условувања не можат да се сметаат поинаку освен како дневна политика за внатрепартиска употреба, за одржување на фотелјата наспроти предизвиците кои се подалеку/пошироко од Северна Македонија и Европа“, велат од партијата.