Напади врз енергетската инфраструктура на Украина, повици до жителите да го напуштат Херсон

Цивили евакуирани од регионот Херсон во Украина, контролиран од Русија, пристигнуваат на железничка станица во градот Џанкој, Крим. 20 октомври 2022 година.

Критичната инфраструктура низ Украина денеска беше погодена од повеќе од десетина руски проектили, соопшти украинското воздухопловство, додека воздушната одбрана на Киев собори неколку проектили над главниот град на Украина.

Во услови на континуирани руски напади, министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба повторно ги повика западните сојузници на Украина да ја забрзаат испораката на современи системи за противвоздушна одбрана.

„Некои пресретнавме, други ги погодија целите. Воздушната одбрана спасува животи. Во главните градови (на Западот) не треба да има ниту една минута одложување на одлуката за системите за воздушна одбрана за Украина“, рече Кулеба.

Локалните власти соопштија дека електраните биле погодени во регионите Одеса, Кировохрад и Луцк, додека другите региони пријавиле проблеми со електричната енергија.

„Уште еден ракетен напад од терористи кои се борат против цивилната инфраструктура и луѓе“, напиша шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак на апликацијата Телеграм.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека противвоздушната одбрана соборила неколку ракети кои летале во правец на главниот град.

„Неколку ракети кои летаа кон Киев беа соборени во регионот од силите за воздушна одбрана. Благодарение на нашите бранители!“, рече Кличко додека началникот на локалната полиција Андриј Нибитов објави фотографија од колона чад што се издигнува од шума каде што рече дека паднале остатоци од проектил.

Премиерот Денис Шмихал на состанокот на владата изјави дека од 10 октомври до 20 октомври, руските напади оштетиле повеќе од 400 објекти во 16 региони на Украина, вклучително и десетици енергетски објекти.

„Руската армија го идентификуваше нашиот енергетски сектор како една од клучните цели за нејзините напади“, рече Шмихал на 21 октомври.

„Руските пропагандисти и официјални лица отворено зборуваат за целта на сите овие напади: Украина, според нив, треба да остане без вода, без светлина, без топлина“, рече тој.

Властите назначени од Русија во окупираниот и незаконски заземен јужен регион Херсон денеска ги повикаа жителите на истоимениот главен град во регионот да си заминат „веднаш“ соочени со напредната контраофанзива на Киев.

„Поради напнатата ситуација на фронтот, зголемената опасност од масовно гранатирање на градот и заканата од терористички напади, сите цивили мора веднаш да го напуштат градот и да преминат на левиот брег на реката Днепар“, регионот поддржан од Русија, соопштија властите на социјалните мрежи.

Соопштението дојде и покрај денешното тврдењето на руското Министерство за одбрана дека неговите сили спречиле обид на Украина да ја пробие линија на контрола во Херсон.

Украинските сили денеска соопштија дека ги гранатираат руските позиции во окупираниот и незаконски заземен јужен регион Херсон, гаѓајќи ги рутите за снабдување на Москва преку реката Днепар, во очигледна подготовка за целосен напад врз градот Херсон, којшто беше еден од првите урбани области окупирани од страна на Русија на почетокот на инвазијата.