ЕК: Македонија да ја забрза транзицијата кон обновливи извори на енергија

Илустративна фотографија.

Северна Македонија треба да ја забрза својата транзиција кон обновливи извори на енергија и значително да ја намали зависноста од гас, се вели во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава.

Земјава, според ЕК, е умерено подготвена во областа на енергетската политика со ограничен напредок постигнат со усвојувањето на Националниот план за енергија и клима и инвестициите во соларни електрани.

Производството на електрична енергија е многу зависно од јагленот. Домашните резерви на јаглен се намалуваат и земјата сега е зависна од увозот, наведува ЕК.

„Владата планира да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија на 35-45 отсто од потрошувачката на енергија до 2040 година“, се вели во Извештајот.

Македонската Влада на 12 октомври го доби Извештајот. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе следи детална анализа на Извештајот, со која ќе се утврдат областите на кои ќе треба поинтензивно да работат.

Во наредната година се препорачува дека треба да заврши раздвојувањето (сертификацијата) на системот за пренос на гас и да се зголеми бројот на вработени и техничкиот/инженерскиот капацитет во Секторот за енергетика во Министерството за економија и во Агенцијата за енергетика.

ЕК наведува дека гасот сочинува околу 11 отсто од производството на електрична енергија, а дека 100 проценти од гасот во земјата се увезува од Русија преку едно поврзување.

„Поврзувањето со регионалните гасоводи напредува бавно. Работите на гасната интерконекција со Грција сè уште не се започнати. Овој проект ќе поддржи диверзификација на изворите на природен гас и ќе го олесни пристапот до транзитните цевководи“, се вели во Извештајот.

Понатамошното подобрување на енергетската ефикасност, вклучително и во станбените и јавните згради е важно за да се намали зависноста на економијата од увоз на енергија и да се овозможи намалување на фискалните субвенции за енергија.

Мешу другото во Извештајот се препорачува земјава да го усвои и спроведе законодавството за спроведување на енергетска ефикасност, да ги искористи придобивките од гаранциите за потекло на Енергетската заедница и да потпише директен договор со давателот на услугата за користење на националниот електронски регистар за издавање, поништување и трговија на гаранции за потекло, во согласност со стандардите на ЕУ.

Инаку, во Извештајот на ЕК стои дека земјава е умерено подготвена по речиси сите критериуми и области. Европската комисија најде забелешки за имплементацијата на законите, нарушената работа на Собранието, но и потребата од поголема транспарентност при носењето државни одлуки.