Украинските сили гаѓаат руски позиции во Херсон

УКРАИНА - Украинските војници во Јужна Украина на 8 октомври 2022 година

Украинските сили ги гранатираа руските позиции во окупираниот и незаконски заземен јужен регион Херсон, гаѓајќи ги рутите за снабдување на Москва преку реката Днепар во очигледна подготовка за целосен напад врз градот Херсон, којшто беше еден од првите урбани области окупирани од страна на Русија на почетокот на инвазијата.

Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека 88 населени места во јужниот регион Херсон и 551 населено место во североисточниот регион Харкив се „деокупирани“, додека контраофанзивата на украинските сили во регионот Херсон продолжува.

Кирило Тимошенко, заменик-шеф на канцеларијата на Зеленски, ги објави податоците на Телеграм, емитувајќи резултати откако украинската војска ја започна контраофанзивата пред неколку недели во насока Херсон, а пред тоа и во насока Харкив.

Зеленски во своето ноќно видео обраќање на 21 октомври додаде дека украинските сили покажале „добри резултати“ во заробување на руско оружје во Херсон.

Украина се обидува да ги избрка руските сили во Херсон на исток преку реката Днепар.

Руските војници на западниот брег, каде што се наоѓа градот Херсон, наводно се блиску до отсекување од линиите за снабдување и засилување.

Наталија Хуменјук, портпарол на јужната оперативна команда на Украина, рече дека украинската војска го погодила Антоновскиот мост над Днепар во градот Херсон за време на полицискиот час во текот на ноќта, што го воведоа властите инсталирани од Русија за да избегнат цивилни жртви.