Зголемувањето на цената на струјата натера многу луѓе да се запрашаат какви други придобивки би донел електромобилот и дали инвестицијата во таков автомобил е сепак исплатлива.
Бензин, дизел или електричен?
И покрај тоа што цената на енергијата е зголемена, потрошувачката на електричен автомобил останува најниска во споредба со класичните автомобили. Ова го велат експертите и сопствениците на електрични автомобили, објави Слободна Европа на романски јазик.
Костин Гургеа, продуцентот на шоуто Superspeed од PROTV тестира секакви автомобили. И поевтино, и поскапо, и на бензин, дизел или електричен. Тој за Слободна Европа пресмета колку трошат електричните и класичните автомобили, во услови на новите пазарни цени.
„Електричните автомобили трошат некаде помеѓу 18-19 и 29-30 kwh, во зависност од моделот, стилот на возење, надворешната температура, дали е лето или зима. Сакам да земам во просек 25 kwh“, објаснува Гургеа.
Телевизискиот продуцент вели дека можеби има многу кои му противречат, бидејќи секој возач има свој стил на возење што значително влијае на потрошувачката.
Цената што ја плаќате за целосно полнење варира во зависност од тоа каде го полните вашиот електричен автомобил. Најниската цена на пазарот во Романија, е на Hidroelectrica, приближно 0,7 леи kw/h, а најскапа е на станиците за полнење каде што за брзо полнење цената е 2,49 леи. Едно евро е 4,92 романски леи.
Тоа значи, вели Гургеа, дека за 100 километри цената може да биде меѓу 17,5 и 60 леи, додека за 100 поминати километри со автомобил на бензин трошиш 70 леи, а со дизел се оди на 80. За двете коли користел просечна потрошувачка од 10 литри на сто километри.
„Накратко: електричниот автомобил вреди ако го полните дома. Колку долго? Тоа е прашањето на кое другите можат да одговорат, зависи од тоа колку ќе се зголеми цената на енергијата“, заклучува Гургеа.
Видете и ова: Романија ќе казнува за шпекулации на пазарот со енергенсиЕксперимент
Член на клубот Tesla Romania направи експеримент за Слободна Европа за да покаже дека разликите се многу поголеми. Двата автомобили што ги поседува - едниот електричен, другиот класичен - исто толку километри ги возел два дена и ги споредил трошоците. Разликата надминува 200 романски леи.
Кипријан Черчиу има два електрични автомобили и периодично ја тестира потрошувачката на неговите автомобили. Во таков тест, тој произведе просечна потрошувачка од 14 kwh на пат до планината, помеѓу Букурешт и Шеиле Градиштеи.
Во најпребирливите точки на патеката, автомобилот трошеше 17 kwh, односно потрошувачка од 35 леи на сто километри со највисоката моментална стапка. Вистина е, Черкиу возеше еден од најмоќните електрични автомобили.
Фотоволтаични панели и нулта потрошувачка
Черкиу не платил ништо за патот до планината. Пред неколку години, набргу откако го купи својот прв автомобил, тој реши да инвестира во соларни панели. Речиси целиот покрив го има обложено со панели и моментално не троши пари за гориво или греење. Инвестицијата го чинела 15.000 евра.
„Фотоволтаичниот систем, кој веројатно сега би достигнал 20.000 евра, ја обезбедува целата потрошувачка на куќата, греење, полнење за два автомобили и вишок од 5000 kWh/годишно“.
Првично, Черчиу пресметал дека ќе си ги поврати парите за седум години, бидејќи со новите цени на енергенсите сигурно е дека таквата инвестиција се враќа за помалку од две години.
„Системот има гаранција од 25 години, остануваш толку години и практично не трошиш ништо“, објаснува Черчиу.
Видете и ова: Македонскиот е.ГО - најавен помпезно, но полн со „тајни“Колку чини одржување на електричен автомобил?
А кога станува збор за потрошен материјал, електричните им даваат класа на класиците. Така барем покажуваат бројките. Андреј работи во автосервис повеќе од 15 години. Низ неговите раце минувале секакви автомобили. Бидејќи сакал да биде во чекор со најновата технологија, почнал да учи и за електричните автомобили.
„За електричните автомобили, потрошните материјали се поевтини од другите“, објаснува тој.
„За електричен VW, ремонтот по 25.000 километри беше 435 леи, вклучувајќи го и филтерот за полен. За автомобил на бензин или дизел, ремонтот на ист број километри е некаде околу 1.200 леи“, објаснува шефот на службата.
Тоа е затоа што во основа единствениот потрошен материјал за електричните автомобили е филтерот за полен. Костин Гургеа вели дека и производителите на класични автомобили станале поефикасни и ги зголемиле периодите на ревизија, што е знак дека чувствуваат закана од конкуренција на пазарот.
Кој е животниот век на електричните автомобили?
„Повеќето од оние со електрични автомобили се пожалија дека после пет години почнале да имаат проблеми со електричните батерии“, ја објасни Андреј состојбата на оние кои пристигнале на сервис со проблеми.
„Дури и со класичните мотори немате долга гаранција, но има и такви кои траат со децении и стотици илјади километри. Има автомобили стари 30 години кои го имаат оригиналниот мотор“.
Новата и постојано променлива технологија го оневозможува прецизното проценување на тоа како се распаѓаат батериите. Замената на една чини неколку илјади евра, во зависност од моделот.
„Нормално, оваа амортизација исто така треба да биде во согласност со онаа на автомобилите со внатрешно согорување, односно -20% во првата година, а потоа околу -10% годишно, но со текот на времето се намалува и ефикасноста на батеријата. Тоа е како мобилните телефони. каде што зависи од секој производител каква гаранција ќе и дадат на батеријата и дали ја менуваат или не, ако достигне 75% ефикасност“, објаснува Гиургеа.
Видете и ова: Просечната старост на автомобил во Македонија е скоро 20 годиниСепак, членовите на Tesla Club велат дека производителите проценуваат дека батериите амортизираат со стапка од 1% годишно, а Европската унија воведе осумгодишна гаранција, гаранција која не постои за класичните мотори на автомобили.
Друга предност би било тоа што секоја батерија е модуларна, а во случај на проблеми не се менува целата батерија, туку само неисправниот модул.
Друга дискусија за електричните батерии е загадувањето што тие би го предизвикале доколку се заменат. Лажен проблем, велат сопствениците на електрични батерии. Кога веќе не се ефикасни во движењето на автомобилот, може да се користат за складирање на енергија од фотоволтаични панели.
Романија има најголем пораст на продажбата на електрични автомобили во ЕУ
Повеќе од 1 од 5 автомобили во ЕУ, во 2021 година, биле електрични. Последниот извештај на Асоцијацијата на европски производители на автомобили ја става Романија на прво место меѓу европските земји со зголемување на бројот на продадени електрични автомобили во првите 6 месеци од 2022 година.
Помеѓу јануари и јуни 2022 година, продажбата на електрични автомобили во Романија се зголеми за 410,3% во споредба со истиот период минатата година. Продадени се 4.460 електрични автомобили, наспроти 874 автомобили со нулта емисија во истиот период.
Истиот извештај покажува дека, во Европа, процентот на продадени електрични автомобили достигна 9,9%, во споредба со 6,6% во 2021 година.
Цената сè уште останува главна пречка за купување на електрични автомобили. Иако во последниве години постојано се намалува, тој е 10-20% поголем од автомобилите со внатрешно согорување. Друг недостаток останува приспособувањето на начинот на полнење на автомобилот, што сепак трае доста долго.