Финансиски пакет од една милијарда евра за регионот од Европската комисија

Илустрација

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји на денешната средба во Берлин со министерот за надворешни работи, Бујар Османи најавил финансиски пакет за регионот во износ од една милијарда евра за ублажување на последиците од енергетската криза, соопштија од Министерството за надворешни работи.

Средбата меѓу Османи и Вархеји се одржала на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес.

ЕУ се согласи да ги ограничи цените на енергијата, ама наскоро

Османи изразил благодарност за работата на Европската Комисија во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион.

На средбата, како што информираат од МНР, Османи го поздравил и неодамна објавениот Извештај на Европската комисија за Македонија.

„Министерот го информира еврокомесарот за одвивањето на скрининг процесот, како прва и особено значајна фаза во процесот на преговорите со ЕУ, како и за посветеноста на Северна Македонија за навремено заокружување на истиот во ноември идната година, при тоа фокусирајќи се на внатрешните обврски кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер“, се наведува во соопштението на МНР.