Баербок: „Пробив“ на Западен Балкан на патот кон ЕУ

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок

Земјите од Западен Балкан сакаат да создадат заеднички регионален пазар и на тој начин да направат важен чекор кон членството во Европската унија, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок додека беше домаќин на министрите за надворешни работи на земјите од регионот.

Според договорот, луѓето во регионот ќе можат да ја минуваат границата со лични карти наместо со пасоши, а универзитетските дипломи и професионалните квалификации ќе бидат заемно признаени, рече Баербок на конференција во нејзиното министерство, пренесе ДПА.

„Го олеснувате животот на вашите граѓани и им помагате на вашите бизниси да го поттикнат трговскиот и економскиот раст низ целиот регион. Навистина ви честитам за овој пробив“ им рече Баербок на своите колеги од Западен Балкан.

Таа ги повика владите на државите од Западен Балкан „брзо да ги спроведат сите неопходни чекори за да обезбедат договорите да бидат потпишани како што е предвидено“.

Претставници на Западен Балкан постигнаа договор во Берлин за усогласување на визниот режим со ЕУ

Баербок додаде дека е приоритет за германската влада да ги внесе земјите од Западен Балкан во ЕУ за да обезбеди стабилност и економски напредок во регионот.

Договорот треба да биде потпишан на самитот на шефови на држави и влади за Западен Балкан во Берлин на 3 ноември.

Земјите од Западен Балкан ги вклучуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Форматот „Берлински процес“ го иницираше поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година на првата конференција за Западен Балкан во Берлин. Форматот има за цел да го унапреди приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.