Амбасадорите на ЕУ, САД и Британија му изразија загриженост на Вучиќ за можното нарушување на стабилноста

претседателот на Србија Александар Вучиќ

Амбасадорите на земјите од таканаречената Квинта и шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград Емануеле Жофре денеска на претседателот на Србија Александар Вучиќ му врачија заеднички документ во кој ја изразуваат својата загриженост за можното нарушување на стабилноста во регионот, пред истекот на рокот за пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички на Косово, соопшти Кабинетот на српскиот претседател. Вучиќ им рекол на амбасадорите, кои ги примил на нивно барање, дека ја споделува загриженоста за можните тензии и додаде дека Србија е посветена на дијалогот како начин за решавање на отворените прашања, во корист на Србите и Албанците кои живеат на Косово, без да се загрози нејзините државни и национални интереси, се наведува во соопштението.

Вучиќ разговараше со Ескобар за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина

Претседателот на Србија, како што се наведува, посочил дека досегашните тензии настанале поради едностраните потези на Приштина и дека Косово не ги почитува одредбите од Договорот за слобода на движење, склучен со посредство на ЕУ. Амбасадорите на земјите од Квинтата: САД, Британија, Франција, Германија и Италија и евроамбасадорот Жофре му се заблагодарија на Вучиќ за конструктивниот ангажман на Србија во исполнувањето на „Патната карта“ за спроведување на договорот за енергетика, како дел на дијалогот со Приштина, се вели во соопштението. Средбата беше делумно посветена на настаните во регионот и движењата на глобалната сцена.