Алијансата е за предвремени избори, но бара сплотеност во време на криза

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Таравари: Ако на следните избори не победиме, јас си заминувам од политиката

Алијансата за Албанците е подготвена за предвремени избори, некаде во март - април ако има избори, но во овој период на криза треба да бидеме сплотени. Јас инсистирав и претходно на непартиска експертска влада, вели в.д претседателот на партијата Арбен Таравари во неделното интeрвју за Радио Слободна Европа (РСЕ). Таравари демантира дека се сретнал со Ахмети и Ковачевски за евентуални преговори за влез во Владата.

Господине Таравари, интервјуто го правиме на Клиниката за неврофизологија, вашата матична куќа, во која секоја среда работите со пациенти. Во здравството и натаму се присутни старите проблеми, од незадоволни пациенти, недостиг на апарати или реагенси, па сè до афери и обвинувања за исплати на дежурства кои се повисоки од основната плата на лекарите? Зошто ситуацијата со години назад е непроменета?

Токму така. Во државата повеќе работи се неубаво организирани, меѓу другото и здравството, за жал, некако посебно после пандемијата, а и за време на пандемијата се покажа дека системот не функционира, односно пропадна. Можеби некој ќе помисли дека го кажувам тоа бидејќи и сум од една опозициска партија, па сакам да ја критикувам власта. Но, еве јас ќе ви кажам бројки, Македонија е по морталитет меѓу четирите или пет земји кои имаат највисока смртност од ковид - 19 како последица на неубаво менаџиран здравствен систем за време на пандемијата, но и како последица на нефункционални институции во здравството и, како трета причина, доцното започнување на вакцинирањето.

Секојдневно гледаме дека и во здравствениот систем се случуваат разно - разни скандали. Не успеавме, за жал, после подолг период, да направиме стратегија за здравствениот систем. Но не само за здравството, тоа треба да има и за образованието и за економијата и за други категории битни за функционирањето на државата. Не успеавме да започнеме со изградба на нов Клиники центар и да направиме регионални клинички болници, иако само формално тие функционираат во Битола, Штип, Тетово и Охрид. И сето тоа полека, полека системот декомпензира и девастира.

Но, Вие бевте и на другата страна. Бевте министер за здравство. Дали поинаку се гледаат работите од таа позиција?

Да, точно. Јас бев министер за здравство околу 100 дена. Знаете тогаш Министерството за здравство, не велам министерот, имаше тогаш една анкета, мислам на ИРИ, за довербата на граѓаните во Министерството за здравство, а таму не бев само јас. Во Министерството за здравство беа и група мои колеги кои ми помагаа. Нашата доверба беше повисока од довербата во премиерот Заев, кој тогаш беше во кулминација на својата политичка популарност. Успеавме да ја вратиме довербата на луѓето дека здравствениот систем може да се среди и тоа е многу важно. Меѓутоа за сто дена толку може да направите, не ни се даде шанса да продолжиме понатаму.

Видете и ова: Недостигаат лекови за рак - болните живеат во страв


Од неодамна сте и в.д. претседател на Алијанса за Албанците. Што ново и поразлично може да се очекува од Вас?

Политиките на Алијансата остануваат исти. Меѓутоа генерално очекувам промени во организацијата на партијата и веќе интензивно се организираме таму кадешто ни беа слаби точки. Посебно Тетово ни беше слаба точка, па Чаирскиот огранок. Имавме одреден број на незадоволни членови кои апстинираа или паузираа, но имаше простор за разговор со нив и се надевам дека 70-80 проценти од тие луѓе се вратени во партијата, а искрено имаме и огромен број интелектуалци кои првпат се приклучуваат во Алијанса за Албанците и се надевам идната недела ќе ги промовираме тие личности.

Дали сте подготвени за предвремени избори?

Секогаш опозицијата е за предвремени избори. Искрено нас ни требаат 3, 4 месеци, некаде март април ако има избори, тука сме и сме за предвремени избори.

Колку се оправдани? Факт е дека на опозицијата и одговараат, меѓутоа колку се оправдани?

Искрено, во овој период на криза треба да бидеме сплотени. И јас уште минатата година, пред локалните избори, инсистирав на таа една техничка, експертска влада, да има една влада која ќе биде непартиска експертска влада, нормално експертите би биле предложени од политичките партии.

Господине Таравари дали преговарате за влез во Владата и кои се вашите услови за тоа да се случи?

Ниту преговараме ниту сме се виделе со некого. Јас мислам дека во ДУИ има настани коишто се многу интересни и полека ствараат внатрешен хаос кај нив и мој впечаток е дека тие го наметнуваат тоа дека Алијанса ќе влезе во Владата. Нема ниту преговори ниту сум се видел со господинот Али Ахмети од 2017 година не сум го сретнал, еве јавно го кажувам тоа. Со господинот Ковачевски не сум се видел се до пред неколку дена кога еден младинец од Тетово ме викна на отворање на еден младински центар во Тетово. Да имаше преговори, ќе ви кажев, меѓутоа нема таква работа.

Видете и ова: Над една деценија ветувања, но, од нов Клинички центар абер нема


Ги отфрлате како шпекулации информациите дека преговарате за влез во Влада, но од друга страна не исклучувате дека доколку некој ве повика би седнале и би разговарале?

Видете за среќа нашата партија не е како другите партии. Одлуката не ја носи в.д претседателот. И кога би имало такво нешто, а нема, ако има, јас сум задолжен како в.д. претседател да разговарам со телата во партијата и да одлучиме. Тоа е многу сериозна работа. Треба сериозно да се разговара за тоа, да се размисли и да се види „кост бенефитот“, што можеме да помогнеме и на крај да видиме дали со тоа би и наштетиле на партијата.

Дали пратениците на Алијанса ќе гласаат за уставните измени?

Ние ќе гласаме начелно меѓутоа ќе имаме услови. Што ќе биде нашиот услов е работа што идната недела ќе ја промовираме прво низ поважните амбасади низ Македонија, ќе кажеме што е нашиот главен услов, нормално вториот услов е од Уставот да се тргне терминот 20 проценти, практично да се користат како службени јазици и македонскиот и албанскиот. Но првиот услов ќе биде многу интересен.

Нема да ни го откриете?

Не, јас мислам дека треба прво да го кажеме пред нашите меѓународни пријатели, а тие услови се подготвени со меѓународни експерти, коишто ни дадоа и идеја и предлози што би било убаво за целата држава. Мислам дека тоа нема да може да се одбие од која било политичка партија во Македонија.

Движењето БЕСА најави дека е подготвено да соработува со која било политичка партија од албанската опозиција со кои би имале заедничка цел, а тоа е конечно и во албанскиот политички кампус да има ротација на власта. Што мислите вие за тоа, се гледате заедно со БЕСА?

Алијанса за Албанците е партија којашто има најголем капацитет за коалицирање, апсолутно од сите македонски и албански партии и тоа го покажа и практично во 2016 со Унитети и НДП, потоа 2017година со БЕСА коалициравме. Во 2020 со Алтернатива, 2019 исто со БЕСА го поддржавме Блерим Река како независен кандидат, 2021 повторно со Алтернатива бевме на локалните избори, значи имаме капацитети, сме отворени, но пред се не интересира нашата јака структура и да донесеме промена во албанскиот политички блок. И мислам дека кога било да се одржат следните парламентарни избори, АА ќе победи и ќе биде дел од Владата. Ако не, јас би се тргнал дефинитивно од политика.