Официјални лица од Западен Балкан и Европската унија во Берлин договорија мерки за спречување на илегалната миграција на „балканската рута“, од кои најважни се усогласувањето на визната политика на западнобалканската шесторка со стандардите на ЕУ и сузбивањето на шверцот на луѓе, соопшти германското МВР. На состанокот на министрите за внатрешни работи како дел од берлинскиот процес, постигнат е договор за ефикасна заштита на границите со поддршка на европската агенција Фронтекс и за процедури за враќање на бегалците кои немаат правна основа за престој во ЕУ во нивните матични земји. Министрите и официјалните лица се собраа во Берлин на покана на германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, за да разговараат за сузбивањето на илегалната миграција преку балканската рута и борбата против организираниот криминал.
Грција планира да постави дополнителни 80 километри ограда на границата со Турција
„Европа има заедничка одговорност да го запре нелегалниот влез за да можеме да продолжиме да им помагаме на луѓето на кои итно им е потребна нашата поддршка“, рече Фесер, додавајќи: „Сакаме да ги заштитиме луѓето кои доаѓаат кај нас поради војни и политички прогон. Остануваме доследни на нашата хуманитарна одговорност“. На средбата во Берлин беа поканети министри за внатрешни работи или други релевантни претставници на Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, како и претставници на Западен Балкан - Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. Учествуваа претставници на Европската Унија, меѓу кои и комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, како и претставници на меѓународни организации. Таканаречениот Берлински процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницираше во 2014 година кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.
Цвета „бизнисот“ со мигранти низ Македонија, загрижува корупцијата
Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот. Како дел од Берлинскиот процес, секоја година се одржуваат самити и серија последователни состаноци. Годинава, покрај средбата на министрите за внатрешни работи, за денеска е предвидена средба на шефовите на дипломатиите на земјите учеснички, а на 24 октомври е закажана средбата на министрите за енергетика. Самитот на шефови на држави или влади на Берлинскиот процес ќе се одржи на 3 ноември во Берлин.