Од Жан Митрев и Русковска до Навални и Ескобар

БЕЛГИЈА - Сојузниците на НАТО ќе дејствуваат доколку Шведска или Финска бидат под притисок од Русија или друг противник дури и пред да станат полноправни членки на Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. „Незамисливо е сојузниците да не дејствуваат доколку Шведска и Финска бидат под каква било форма на притисок“, рече Столтенберг на прес-конференција со шведскиот премиер Улф Кристерсон кој најави дека Шведска појасно и подлабоко ќе се вклучи во антитерористичките активности на НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Во првите шест месеци од 2022 полицијата спречила 57 случаи на криумчарење мигранти, што е зголемување на бројот на откриени мигранти од 119 проценти во однос на истиот период лани, соопшти министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, на Состанокот на министри одговорни за внатрешна безбедност и миграција од земјите учеснички во Берлинскиот процес.

МАКЕДОНИЈА - Отворена е истрага против фирма и нејзиниот управител за злоупотреба на постапка за јавна набавка на средства за хигиена наменети за Владата, Претседателот, министерствата, соопштија денеска од Јавното обвинителство на Македонија. Осомничениот управител преку правното лице во 2018 година со невистинити документи склучил договор со владината Служба за општи и заеднички работи за набавка на средства за хигиена. Договорот предвидувал јавната набавка да чини околу 3, 4 милиони евра за рок од три години, а врз основа на договорот управителот и фирмата добиле од владата 25 проценти од договорената сума или неполни милион евра.

РУСИЈА - Отворена е нова истрага против затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални. Тој на Твитер на 20 октомври објави дека истражителите официјално го информирале дека истрагата е покрената под обвинение за пропагирање тероризам, јавни повици за екстремистички активности, финансирање на екстремистичка организација, рехабилитација на нацизмот.

МАКЕДОНИЈА - Граѓанскиот суд Скопје го одби барањето на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев за отстранување на документарниот филм „Нечиста крв“, истражување на ИРЛ, како и барањето на новинарите на ИРЛ да им биде забрането да известуваат за него и за начинот на лекување на пациенти со ковид, се додека неговата тужба за клевета и навреда не добие судска разрешница. Барањата на Митрев се одбиени како неосновани. Според Судот, истражувањето за начинот на лекување на ковид пациентите е тема од јавен интерес и новинарите не смеат да бидат замолчени да известуваат.

МАКЕДОНИЈА - Ако не добијат плата до вторник (25 октомври), вработените во „Македонска пошта“, претрпијатие во државна сопственост, најавија протест пред Владата на Македонија. Откако не добиле плата на 15 месецов, датум што според закон е одреден како краен во кој вработените во државата треба да земат плата, двете синдикални организации на Македонска пошта, втор ден по ред одржуваат предупредувачки протест за време на паузата.

АЗЕРБЕЈЏАН / ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот азербејџански колега Илхам Алиев го отворија вториот меѓународен аеродром во близина на спорниот регион Нагорно-Карабах, изграден откако Баку ја врати контролата врз делови од отцепениот регион и седум соседни области во 2020 година. Церемонијата на отворањето на новиот меѓународен аеродром во југозападниот град Зангилан се одржа на 20 октомври.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Премиерката на Британија Лиз Трас поднесе оставка по само 45 дена на функцијата, со што е премер со најкраток мандат во историјата на Британија. Трус, ја презеде функцијата од Борис Џонсон на 6 септември. Таа во изјавата што на 20 октомври ја даде во живо на телевизија, рече дека поднесува оставка, но ќе остане на функцијата додека не се избере нов лидер. Изборите за лидер ќе бидат завршени во текот на следната недела, рече Трас.

МАКЕДОНИЈА - Сите автобуси на ЈСП во четвртокот попладне се вратија на улиците низ главниот град, откако Град Скопје обезбеди плата за вработените. Од други проекти, Градот пренамени околу два милиони евра, за да може да им се исплатат плати на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Автобусите од изутрина беа гаражирани, возачите одбија да возат, оти не биле во состојба да го прават тоа. Тие си ја бараат неисплатената плата за септември, која според законскиот рок треба да се исплати до 15 во месецот.

МАКЕДОНИЈА - Суспендираната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска на која следниот месец и истекува мандатот, денеска изјави дека веќе поднела кандидатура за втор мандат. Таа ова го објави денеска по давањето исказ во Обвинителството за кривичната пријава која против неа ја поднесе поранешниот директор на Управата за Финансиска полиција Арафат Муареми. „Очекувам колегите да ме подржат во кандидатурата и да гласат за мене“ изјави кусо таа.

САД / СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Белград разговараше со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, за актуелните настани во процесот на нормализирање на односите со Приштина, можностите за продолжување на дијалогот и изнаоѓање одржливи решенија. Ескобар изјави дека очекува динамично и конструктивно да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина за сите отворени прашања и сеопфатната нормализација на односите, соопштија од службата за медиуми на претседателот на Србија. Тој рече дека тоа е исклучително важно за граѓаните, како и за севкупниот мир, стабилност и напредок на регионот и дека се надева на брз крај на преговорите.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ги користи енергијата и гладот како оружје, но не успеал да го наруши единството на Западот и дека нема да ги постигне своите воени цели преку тактика на „изгорена земја“. Говорејќи во германскиот парламент, тој исто така рече дека Германија се ослободила од зависноста од рускиот гас, но дека работи на намалување на цените на енергијата, вклучително и со обезбедување нови договори за испорака на гас од други земји.

КОСОВО / САД - Специјалниот пратеник на Соединетите држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар изјави дека побарал од косовскиот претседател Вјоса Османи и од косовскиот премиер Аљбин Курти да ја одложат одлуката за замена на регистарските таблички. „Не е тајна дека побаравме подолг период на имплементација и побаравме уште 10 месеци. Би сакал ова да се случи. Ова не е барање само на САД, туку и на сите големи пет земји. И тоа е затоа што ние сме земјите кои најмногу го поддржуваат Косово. Сметаме дека е важно кога даваме препораки, луѓето да ги слушаат“, рече првиот Ескобар. Тој додаде дека не добил потврда од Османи и Курти дека ќе го прифатат тоа барање.