Спасовски - Миграциските текови намалени, но „Западнобалканска рута“ останува активна

Министерот за внатрешни раобти, Оливер Спасовски на Состанокот на министри за внатрешни работи на Берлинскиот процес, Берлин, Германија, 20 октомври 2022

Во првите шест месеци од 2022 полицијата спречила 57 случаи на криумчарење мигранти, што е зголемување на бројот на откриени мигранти од 119 проценти во однос на истиот период лани, соопшти министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, на Состанокот на министри одговорни за внатрешна безбедност и миграција од земјите учеснички во Берлинскиот процес.

Тој вели дека трендовите во областа на илегалната миграција во периодот јануари – јули се зголемени во поглед на истиот период минатата година, но немаат значителен импакт во однос на националниот систем за управување со миграции.

Безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период, бидејќи се посветува особено внимание на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, како и спречување на криумчарењето на мигранти, посочи министерот.

Спосовски денеска ја предводеше делегација од Министерството за внатрешни работи која во Берлин, Сојузна Република Германија, учествуваше на Состанокот на министри одговорни за внатрешна безбедност и миграција од земјите учеснички во Берлинскиот процес.

„Во периодот јануари – јули 2022 година спречени се вкупно 12.803 обиди за илегално минување на државната граница, што претставува зголемување од 7 проценти во однос на истиот период лани, но и намалување од 27 отсто во однос на истиот период 2020 година, кога беа откриени 17.652 обиди“, рече Спасовски.

Тој додаде дека миграциските текови во Северна Македонија бележат намалување за 80 проценти, но транзитната „Западнобалканска рута“ и понатаму останува активна.

Балканската рута е неформална тема на разговор и на маргините на самитот на Европската унија (ЕУ). Оваа рута се смета за проблем поради зголемениот број илегални мигранти кои го користат овој канал за да стигнат до европска територија.

Пред почетокот на самитот, холандскиот премиер Марк Руте потврди дека балканската рута е проблем.

Според европските дипломати, премиерите на Белгија, Холандија, Данска и Шведска ќе одржат неформална дискусија на маргините на самитот за овој проблем.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон во Берлин најави дека Европа се соочува со трикратно зголемување на бројот на мигранти кои ја користат балканската рута.