На рускиот критичар Навални му се заканува нова казна затвор

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Отворена е нова истрага против затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални.

Тој на Твитер на 20 октомври објави дека истражителите официјално го информирале дека истрагата е покрената под обвинение за пропагирање тероризам, јавни повици за екстремистички активности, финансирање на екстремистичка организација, рехабилитација на нацизмот.

„[Моите] адвокати пресметаа дека може да останам овде уште до 30 години [ако бидам осуден]“, се наведува во твитот на Навални, додавајќи дека обвиненијата произлегуваат од активностите на каналот на Јутуб, „Популарна политика“ на неговите соработници. На каналот се критикуваше Кремљ, поради тековната неиспровоцирана инвазија на Украина.

Антикорупциската фондација (ФБК) на Навални и други групи поврзани со него, како и неговото политичко движење, беа прогласени за „екстремистички организации“ од руските власти во јуни 2021 година и беа распуштени.
За истото дело веќе се обвинети неколку соработници на Навални.

Навални беше уапсен во јануари минатата година по неговото пристигнување во Москва од Германија, каде што беше лекуван од напад со отров, кој европските лаборатории го дефинираа како нервен агенс од советски стил.

Потоа му беше изречена затворска казна од две и пол години за прекршување на условите од претходната условна казна.

Во март тој беше осуден на деветгодишна затворска казна под обвинение за непочитување и проневера преку измама. Тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаат обвинувањата како политички мотивирани.