Ердоган и Алиев отворија уште еден меѓународен аеродром во близина на Нагорно-Карабах

Архивска фотографија: Азербејџан - Отворање на аеродромот во Физули, Илхам Алиев и Реџеп Таип Ердоган, 26.10.2021

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот азербејџански колега Илхам Алиев го отворија вториот меѓународен аеродром во близина на спорниот регион Нагорно-Карабах, изграден откако Баку ја врати контролата врз делови од отцепениот регион и седум соседни области во 2020 година.

Церемонијата на отворањето на новиот меѓународен аеродром во југозападниот град Зангилан се одржа на 20 октомври.

Во октомври минатата година, Ердоган и Алиев отворија меѓународен аеродром во градот Фузули, главниот град на областа со исто име во непосредна близина на Нагорно-Карабах. Таа област е меѓу оние ставени под контрола на Баку како дел од примирјето потпишано во ноември 2020 година по 44-дневната војна меѓу азербејџанските и ерменските сили.

Примирјето со посредство на Москва стави крај на тешките борби во 2020 година, во кои имаше илјадници жртви на двете страни. Ерменија изгуби контрола врз делови од отцепената територија и околните области на Азербејџан што ги држеше од 1990-тите.

Ерменските сепаратисти ја задржаа контролата над поголемиот дел од територијата на Нагорно-Карабах, а околу 2.000 руски мировници се распоредени во регионот.

Азербејџан гради и трет аеродром на повратената територија, во областа Лачин, кој се очекува да биде завршен во 2025 година.

Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но падна под контрола на етничките ерменски сили по сепаратистичката војна во раните 90-ти години на минатиот век.