Сите автобуси на ЈСП во четвртокот попладне се вратија на улиците низ главниот град, откако Град Скопје обезбеди плата за вработените.
Од други проекти, Градот пренамени околу два милиони евра, за да може да им се исплатат плати на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).
Автобусите од изутрина беа гаражирани, возачите одбија да возат, оти не биле во состојба да го прават тоа. Тие си ја бараат неисплатената плата за септември, која според законскиот рок треба да се исплати до 15 во месецот.
„Утре на трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата, што особено ме радува, замислите плата. Ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје што се обезбедени средства за наредните три плати. Што значи дека ќе нема потреба да чекаме 15 за да им бидат доделени тие средства на вработените“, изјави Миќо Стојановски еден од синдикалните претставници на ЈСП.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Советот на Град Скопје на втората вонредна седница, одржана од вчера наваму со полно мнозинство изгласа одлука за пренамена на пари од локалната каса.
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека парите што сега се наменети за плати се замена за парите што на јавното претпријатие ги должат Министерството за образование и општините.
„Она кое што верувам е дека ќе се поведе соодветна одговорност не само за она што со години се случувало во ова претпријатие, за тешката состојба во која е доведено ова претпријатие, мултимилионските долгови кои ги има ова претпријатие, тие се долгови кои повеќе од деценија се провлекуваат тука. Исто така ние како Град Скопје бараме одговорност од управните одбори кои што верувам дека треба малку поагилно да ја вршат својата работа затоа што сепак од граѓаните ги добиваат своите паушали“, рече градоначалничката.
Град Скопје претходно најави кривични пријави за оние кои ја попречуваат работата на претпријатието.
Од 4:30 утрината кога вообичаено стартуваа јавниот превоз, автобусите на ЈСП не излегоа да возат, па многу граѓани не стигнаа до посакуваната дестинација.