ЕСМ- Нема договор со „Скопје-Север“ без исплата на стариот долг

Директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски

ЕСМ нема да склучи договор со АД Топлификација во стечај кој е мнозински сопственик на АД „Скопје Север“ ако не си ги исполнат обврските од минатата грејна сезона изјави денеска директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.

Тој денеска објасни дека од Владата како акционерско друштво добиле задача да го регулираат односот со Топланата Скопје Север за да можат околу 500 домаќинства во населбите Бутел, Чаир и Топанско поле да имаат парно греење, но тоа нема да се случи ако не наидат на соработка од другата страна.

Ковачевски се пожали дека АД Скопје Север минатата грејна сезона не го почитувал договорот, односно не ги исполнил обврските кон АД ЕСМ.

„ Јавноста мора да знае дека АД Скопје Север и неговиот мнозински сопственик АД Топлификација во стечај воопшто не соработуваше минатата грејна сезона. Се попречуваше пристапот на нашиот прокурист кој има улога да има увид во работењето и да го претставува АД ЕСМ во Скопје Север. Нашиот прокурист во претходниот договор никогаш не беше впишан во Централниот регистрар, овластеното лице никогаш не го врза потписот за да можеме да го контролираме протокот на финансиските средства, да ги следиме исплатите од намената сметка, Скопје Север не праќаше извештаи за извршените плаќања од претходниот или за наредниот ден“ изјави Ковачевски.

Тој додаде дека стечајниот управител на АД Топлификација во стечај одби да го потпише договорот, одби да даде гаранција за уплатените средства и не издадоа меница за исплатените пари од ЕСМ. ЕСМ минатата година за половина сезона како помош на сметка на „Скопје Север“ уплатила 425 илјади евра кои се уште не се вратени. Проблемот е што ем бараат помош, ем не соработуваат, вели Ковачевски.

„Средствата од минатата грејна сезона се уште не се вратени на наменската сметка на ЕСМ, не се потпишани никакви обврски никакви обврски. Греењето кон граѓаните е испорачано, сметките се испорачани, граѓаните си ги платиле своите сметки, но парите се уште не се вратени на наменската сметка на ад ЕСМ“.

За оваа грејната сезона од Скопје Север побаруваат од ад „ЕСМ“ милион евра, па како гаранција за новите средства Ковачевски вели дека ќе се бараа Скопје Север да гарантира својот имот и со сите нивни финансиски средства. Дополнително нема да се спроведе новиот договор ако претходно не се гарантира дека ќе се испочитуваат старите обврски.

Ковачевски најави дека во текот на утрешниот договор ќе имаат средба со претставниците на ад „Скопје Север“ на која ќе разговараат за деталите околу новиот договор кој треба да се потпише, но и да се исплатат претходните обврски.

Претходно директорот на „Скопје Север“ Куштрим Рамадани изјави дека имаат гас за снабдување со топлинска енергија за уште неколку дена.

Во однос на набавката на природен гас во наредните 6 месеци во тек е постапката на прибирање на понуди, и доколку во крајна линија нема прифатлива понуда, Ковачевски вели дека се подготвуваат за второ сценарио, а тоа е употреба на дизел гориво.