Од утринава дваесетина луѓе од ССМ и т.н. Независен синдикат на ЈСП „Скопје“ спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк, информира денеска Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Овие дваесетина лица, како што наведуваат, немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. „Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, тие согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот. Поради ова, Град Скопје ќе ги почитува законските мерки и ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани, се наведува во соопштението од ЈСП „Скопје“.
Скопје останува без јавен превоз додека се донесе одлука за пари за ЈСП
Од претпријатието потсетуваат дека уште вчера Град Скопје подготви одлука за пренамена на средства со кои, како што се наведува, ќе се обезбеди исплата на последната плата која доцни пет дена поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и наука и општините. Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје утринава во пет часот, на почетокот на работното време, останаа во гаража. Возачите рано утринава се собраа на протест во кругот на претпријатието, но одбија да влезат во автобусите поради неисплатена плата. Тие не прогласиле штрајк, но велат дека се гладни и не се во состојба да возат и да ја преземат одговорноста за стотина патници. Велат дека нема да возат додека не добијат плата.